Според техничкиот шеф на бугарската дипломатија, Светлан Стоев, преговорите на експертско ниво меѓу Скопје и Софија се во тек, а на македонската страна ѝ се предадени бугарските предлози и текстови. Тој потврди дека до крајот на октомври треба да има нов круг консултации меѓу Бугарија и Македонија, па доколку се постигне согласност, она што ќе биде договорено, може да биде потпишано од двајцата министри за надворешни работи. Во истиот контекст, Стоев потврди и дека продолжува дијалогот за ова прашање и со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи

Повод: Меморандум со шест точки, анекс на Договорот за добрососедство со Бугарија?

Додека ЕУ избегнува да заземе политички став за бугарското вето за евроинтеграциите на Македонија, во согласност со темелните норми на сопствената правна архитектура и во согласност со меѓународното право, бугарските политичари го продолжуваат пресингот и отворено и официјално зборуваат за меморандум со шест точки, кој „ѝ е понуден на македонската страна, како своевиден анекс на Договорот за добрососедство“.

Во тек се интензивни преговори на експертско ниво?

По бугарскиот претседател Румен Радев на самитот ЕУ – Западен Балкан пред десетина дена во Словенија, и техничкиот шеф на бугарската дипломатија, Светлан Стоев, на прес-конференција со хрватскиот колега Грлиќ, информира дека преговорите на експертско ниво меѓу Скопје и Софија се во тек и веќе на македонската страна ѝ се предадени бугарските предлози и текстови. Тој истакна дека до крајот на октомври треба да има нов круг консултации меѓу Бугарија и Македонија, па доколку се постигне согласност, она што ќе биде договорено, може да биде потпишано од двајцата министри за надворешни работи. Стоев откри и дека продолжува дијалогот за ова прашање и со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи. Според Стоев, официјална Софија инвестирала многу во дијалогот со Македонија и очекува конкретни дејства од Скопје за трајно спроведување на Договорот за добрососедство од 2017 г., како и „почитување на правата на граѓаните со бугарска самосвест“. Во истата пригода, при посетата на хрватскиот министер за надворешни работи на Софија, бугарскиот претседател уште поексплицитно ги наведе бугарските барања за Македонија, како услов за повлекување на ветото за ЕУ. Имено, Радев ги оценил како алармантни „случаите на дискриминација и систематско кршење на човековите права на граѓаните на Македонија со бугарска самосвест“. Исто така, повторно ја афирмирал нивната желба да бидат вклучени во преамбулата на македонскиот устав, како и бугарските очекувања за објективно одразување во резултатите од пописот во Македонија.
– За нас е важно меѓу младите од Република Северна Македонија да не се влева омраза кон Бугарите – ја повтори Радев неговата перцепција за учебниците во Македонија, каде што, според него, сѐ уште има искривени толкувања на Бугарија и Бугарите.

Реципроцитет при составување на секој билатерален договор

Во низата нови барања формулирани во бугарскиот предлог-меморандум наречен „5+1“, забележливо е дека се повторува асиметричноста од Спогодбата за добрососедство од 2017 г., особено во делот со барањето за отворање на македонскиот устав за да биде внесено во преамбулата „бугарското малцинство во Македонија“. Притоа, никаде не се споменува реципроцитет во однос на спроведување на истата процедура за македонското малцинство во бугарскиот устав. Според бугарските политичари, односот на бугарската држава спрема македонското малцинство таму е внатрешно прашање на Бугарија и за тоа ексклузивно се повикуваат на одредбите и регулативите на ЕУ за немешање во внатрешното уредување на државите-членки, игнорирајќи го принципот на рамноправност и реципроцитет на кој се темели меѓународното право и, според кое, треба да бидат усогласени и билатералните договори. Во контекст на бугарската „правна логика“, гласно повторувана во „европски мегафон“, тивко прозвучи ставот на македонскиот премиер Зоран Заев за неодамнешната декларација на шест македонски здруженија во Бугарија, во која бараат да се запре со непринципиелните компромиси со оваа земја, дека „не е ниту европски ниту исправно да се мешате во внатрешните работи на другите земји“.
– Првиот спорен момент во развојот на настаните околу меморандумот како анекс на Договорот за добрососедство, за кој зборува бугарската страна, е што македонската влада крие од македонската јавност дека воопшто се разговара за таков документ. Во контекст на цивилизирани и искрени билатерални односи, засновани на принципите на меѓународното право, секоја разумна влада би барала реципроцитет при составување на секој билатерален договор. Во спротивно, секоја влада се покажува како некомпетентна и неподготвена за должноста што ја има спрема својата држава и својот народ. За конкретните прашања поврзани со актуелните македонско-бугарски односи во контекст на нашите евроинтеграции, сметам дека со Бугарија воопшто не треба да се разговара за тоа, зашто национално-идентитетските прашања едноставно не смеат да бидат предмет на политички договори и пазарења. Сепак, во однос на барањето на Бугарија за внесување на некакво бугарско малцинство во преамбулата на нашиот устав, мора добро да се размисли и да се истражат сите аспекти и скриени намери. Пласираната теза дека со признавање бугарско малцинство во Македонија ѝ се одзема аргументот во тврдењето на Бугарија дека македонскиот и бугарскиот народ се исти, можеби звучи логично и разумно, но не треба да се исклучат скриените намери на искусната бугарска политика, вешта во манипулација со националните и малцинските прашања. Во секој случај, што и да се случува во македонско-бугарските билатерални односи, тоа не треба да биде пречка за преговорите на Македонија за членство во ЕУ. Тоа е голем тест и за ЕУ. Никаков договор не смее да се потпише, доколку не е во согласност со принципите и стандардите на меѓународното право – вели поранешната македонска амбасадорка Мелпомени Корнети.

Билатералниот протокол од шест точки треба да биде готов до почетокот на ноември?

Бугарски политичари откриваат дека конечната верзија на билатералниот протокол од шест точки треба да биде готов до почетокот на ноември. Во протоколот има решенија што треба да се исполнуваат во целиот преговарачки процес. Бугарскиот претседател Радев постојано истакнува дека него го интересираат обврзувачките работи што треба да бидат завршени до почетокот на преговорите, „за да кажеме ’да’“за преговарачката рамка на ЕУ за Македонија.
Македонскиот шеф на дипломатијата, Бујар Османи, во врска со т.н. патоказ со пет плус една точка, (кој како можно решение за спорот на самитот во Брдо, Словенија, беше споменат и од високите претставници на Унијата) појасни дека тој ги вклучува: прашањето на краткото име на државата, прашањето на говорот на омраза, рехабилитација на жртви на комунизмот, работата на историската комисија, прашањето на немешање во внатрешните работи на Република Бугарија, а како шеста точка е прашањето за вклучување на Бугарите во македонскиот устав.
– Противник сум на идејата за каков било анекс на Договорот за добрососедство со Бугарија. Ако се прави некаков нов договор, тој би требало да биде евентуално за односот кон историско-културното наследство во делот на бугаризмот во Македонија. Инаку, обидот на Бугарија со глупави меморандуми да го регулира македонското општество е повеќе од безобразен. Ние треба земјата да ја развиваме како граѓанска држава со граѓанска нација и нема место за Бугарите во Уставот. Напротив, потребно е да се избришат сите етникуми од македонскиот устав и да остане дека Македонија е држава на сите граѓани – вели Петар Богојевски од „Македонски концепт“, кој е упатен во македонско-бугарските односи. Во однос на обврзувачката тежина на билатералните договори, Богојевски смета дека тие не се подредени спрема принципите и одредбите на меѓународното право.
– Секако дека меѓународното право е над билатералните договори. Но за Бугарија, која не ги почитува пресудите на Европскиот суд за човекови права, поважно е да се меша во внатрешните работи на други земји отколку да го почитува меѓународното право – констатира Петар Богојевски.