Армиите регрутираат сајбер-воени единици

132
Фото: Игор Бансколиев

ДИГИТАЛНОТО ФУНКЦИОНИРАЊЕ НОВ ТРЕНД ВО ОДБРАНАТА

Начинот на живот во условите предизвикани од пандемијата полека но сигурно го менува и начинот на кој функционираат светските армии.
Телевизијата Еуро њуз јавува дека европските држави, во најголем дел поради големите трошоци за одржување на воените машинерии, ја професионализирале својата војска во изминативе декади, притоа приспособувајќи ја на предизвиците на иднината и на евентуалните идни закани.
Телевизијата додава дека главен предизвик на европскиот безбедносен сектор во моментов, но и во иднина, ќе биде сајбер-просторот, па токму затоа европските држави во моментов размислуваат како поефикасно да регрутираат голем број луѓе во овој дел од армијата.

Според телевизијата, бидејќи побарувачката за овој сектор на војските во моментов е голема, држави како Германија дури размислуваат да ангажираат и граѓани од други ЕУ-земји во својата војска.
Еуро њуз вели дека како сериозна опција во популацијата на која целат европските земји за пополнување на своите редови во армиите се младинците што играат видеоигри.
Според медиумот, овие граѓани одговараат со младоста на стандардите на војската, но истовремено во себе веќе го имаат и доброто технолошко познавање на сајбер-секторот.

Во тој правец, британската кралска воена академија веќе организирала и турнири за видеоигри, кои служат како база од каде што може да се регрутираат идните кадри на сајбер-единиците на тамошната армија.
Во меѓувреме, од македонска перспектива на настаните, за обележување е фактот дека пред два месеци министерката за одбрана Радмила Шеќеринска најави дека Македонија планира да инвестира 700 милиони евра за модернизација на македонската армија во наредните десет години. Шеќеринска тогаш најави и дека голем дел од овие инвестиции ќе биде концентриран и на сајбер-одбраната на земјата и на развојот на нашата војска во таа насока.

Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски истакнува дека логичен развој на настаните во Европа и во светот е да се очекува дека армиите и полициите ќе се концентрираат што повеќе да дејствуваат во делот на сајбер-безбедноста. Аналитичарот потсетува дека оваа дејност како наука неколку години се изучува во нашите воено-образовни капацитети, а бројката на кадетите во овој правец од година на година е сѐ поголема.

– Јас лично очекувам во некоја скора иднина да се оформи и посебен род на светските армии што ќе се занимава со дигиталното војување. Тоа го тврдам со фактот кога може САД и НАТО да имаат род на војските што дејствува во вселената, зошто да нема и род што ќе биде наменет исклучиво за сајбер-војување – вели Стефаноски.

[email protected]