Апелациски: Наводите од Груевски се груба невистина и манипулација со јавноста

260

Апелацискиот суд Скопје  во целост ги демантира наводите изнесени на прес-конференцијата од  Никола Груевски во врска со предметот „Тенк“, оценувајќи ги како  груба невистина и манипулација со јавноста.

– Наводите на обвинетиот се во целост невистинити, исконструирани и тенденциозни со цел да се дискредитира Судот и да создаде лажна перцепција во јавноста дека судството е под притисок на власта и носи нарачани одлуки, се наведува во соопштението од скопска Апелација.

Во соопштението е нагласено дека тврдењето на обвинетиот Никола Груевски на прес-конференцијата дека поседува сигурни извори дека судиите на Апелацискиот суд Скопје биле повикувани поименично еден по еден кај в.д. претседателот на Судот, дека подлегнале на притисоци и дека веќе е донесена одлука за негова осуда, за предмет за кој се уште е во тек јавната седница, претставува груба невистина и манипулација со јавноста.

Од Судот информираат дека предметот е распределен кај судијата известител согласно АКМИС системот, а Советот постапува според годишниот распоред за работа на судиите донесен од страна на претседателот на Судот, согласно Судскиот деловник.

– Јавната седница е закажана согласно Закон, по барање на обвинетите и нивните бранители за која беа определени два дена, со цел одбраната и обвинетите да ги изнесат нивните наводи во врска со обжалената пресуда. Времетраењето на јавната седница одржана на 31.08.2018 година беше пролонгирано поради последователни – едно подруго поднесувани барања на одбраната за изземање на судиите, со јасна цел истата да не се одржи, поради која причина и се одолговлекуваше траењето на јавната седница, а која по нејзиното започнување беше прекината и за продолжението на истата дополнително беше определен уште еден термин, усогласен со одбраната и обвинетите, се наведува во соопштението од Апелацискиот суд Скопје. 

Никола Груевски денеска од прес-конференција во Собранието на РМ најави дека утре нема да се појави во Апелацискиот суд, а на седницата за „Тенк“ нема да присуствуваат ниту неговите адвокати зашто, како што рече, и онака одлуката е политички веќе донесена.

Груевски обвини дека власта води политичка хајка против него, а судиите се професионални, но работат, како што рече, под притисок.