Анѓушев се сретна со австрискиот амбасадор Вуцас

45

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев се сретна со новоименуваниот амбасадор на Република Австрија, Н.Е. Георг Вуцас, со кого разговараа за соработката помеѓу двете земји, како и за актуелните економски и политички состојби во земјата.

Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека инвестициите од Република Австрија имаат големо значење за развојот на енергетскиот, осигурителниот, банкарскиот и други сектори и додаде дека бизнис климата е поволна за привлекување на нови инвестиции, особено во производствената дејност и за отворање на откупни центри за преработка на земјоделски производи.

– Во изминатите две и пол години реализирани се повеќе економски проекти за побрз и одржлив економски раст, пред се за поттикнување на технолошки развој и имплементирање на иновации во компаниите, за повисока продуктивност и конкурентност на компаниите на домашниот и странските пазари. Како резултат на напорната работа, сите економски индикатори бележат позитивни стапки на раст и споредбено повисоки во споредба со претходните периоди од 2 и пол години. Статистката бележи стапки на пораст на БДП од над 3% во последните 5 квартали, бројот на нововработени лица во минатите две и пол години е над 54.000, невработеноста се намали на рекордно ниски 17.5%, просечните плати растат со побрза динамика, а индустриското производство и извозот растат со значителни стапки. Со Законот за финансиска поддршка на инвестициите и други мерки за поддршка Владта овозможува силна поддршка на стопанството, со што практично економскиот раст и развој се базира на работата на реалната економија, а не на проекти на Владата – потенцира Анѓушев.

Вицепремиерот се заблагодари за постојаната поддршка од австриската Влада во процесот на евро-атлантските интеграции на нашата земја, а заедно со австрискиот амбасадор Вуцас, се согласија дека местото на Македонија е во ЕУ и НАТО, со што ќе се обезбеди дополнителна сигурност и побрз и одржлив економски раст.