Администрацијата мора да се реорганизира

769

Сеопфатна и долготрајна реформа со вклученост на сите страни во нејзиното креирање и доаѓање до ефикасна јавна администрација, беше пораката од вчерашната дебата „Зошто ни се потребни измени на Законот за административни службеници и на Законот за вработени во јавниот сектор“. Што ја организира Синдикатот на УПОЗ.
– Реорганизација на јавната администрација мора да има и ние работиме на тоа. Креираме политики што мора јасно да ги дефинираат правата и обврските на администрацијата за таа да биде ефикасна – рече министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.

Според него, еден од главните резултати што треба да се постигне е намалување на корупцијата и деполитизација на администрацијата.
– Тоа може да се направи преку јасни критериуми при изборот на најдобрите кандидати за вработување, но особено со професионализација на високите раководни позиции во администрацијата. Вработувањата и унапредувањата генерално и принципиелно мора да се прават во согласност со потребите на институциите, а не во согласност со потребите на владејачките партии – објасни Манчевски.
Синдикатот на УПОЗ, исто така, смета дека се потребни измени и дополнувања на двата закона или носење сосема нови.

Пецо Грујовски, претседател на Синдикатот на УПОЗ, рече дека со измени на Законот за административни службеници предложени од МИОА, кои во дел ги содржеа и барањата на Синдикатот на УПОЗ, малку се олесни можноста за унапредување на кариерата на административните службеници, се измени испитот за административно управување и опасноста од губење на работното место со една негативна оцена.
Професорката Ана Павловска-Данева од Правниот факултет истакна дека имаме проблем со концептот во јавната администрација и оти е потребен сосема нов систем на кариера во кој се влегува како приправник и во рамките на системот да се напредува.

– Во овој момент имаме 50.000 административци без високо образование, како и вработени без основно образование – рече Павловска-Данева и додаде дека администрација не е пренатрупана, туку има залутани и непрофесионалци што треба да се селектираат.
Според професорот Борче Давитковски од Правниот факултет, потребна е реформа што долгорочно ќе го реши проблемот како во стабилни демократии, а не, како што рече, како кај нас каде што палијативно и со секоја власт се почнува од почеток. Тој предложи да се направи академија по примерот на Академијата за судии и јавни обвинители.