Фото: Принтскрин

Погрешен чекор е да речеме доста е со ЕУ, рече вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за Телма, одговарајќи на прашање поврзано со најавениот стратешки дијалог со САД.

– Нашиот пат кон ЕУ не е пат затоа што е некаква награда, на крајот пехарот ќе го добиете и златната медаља, туку е пат со кој треба како општество да смениме менталитет и да практикуваме поинакви вредности. Не е тоа пат во кој треба да се стремиме да одиме затоа што на крај некој нешто ќе ни даде и ние сите наеднаш ќе си ги смениме животите. Не! Тоа е пат кој мора да го изодиме и да седнеме на таа маса, за генерациите по нас да ја продолжат оваа државност врз основа на некакви поинакви вредности-нагласи Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, одговарајќи на прашањето дали е прифатлив за партијата стратешкиот дијалог со САД, потенцира дека дијалогот со САД и патот за полноправно членство во ЕУ не се конкурентни, туку се два паралелни процеса.

– Не се тие во конкуренција процеси. Тоа се два паралелни процеси кои еден со друг немаат никаква врска. Да, сакам и ова да важи, да, сакам и ова да важи. Едното не го исклучува другото. Дајте да ги водиме двата процеса. Тој дијалог нека се води, но нека се водат и преговорите со ЕУ-вели Мицкоски.

Мицкоски посочи дека не е информиран што ќе значи стратешкиот дијалог и, како што рече, очекува од премиерот Димитар Ковачевски да биде брифиран.

– Јас не седам на таа маса, не ги знам принципите на кои ќе се води тој стратешки дијалог. Очекувам Ковачевски да не брифира. Ние сме тотално екскомуницирани-заклучи Мицкоски.