Фото: Игор Бансколиев / Илустрација

Д-р Милица Бубало вели дека во периодот што следи очекуваат уште поголем обем на работа, и ги советува граѓаните да бидат вниметелни на жештините

Поради летните горештини дневно се евидентираат по десетина колапси само во скопската Брза помош (194). Граѓаните најчесто колабрираат пред институции каде што ги обавуваат своите дневни обврски, па лекарите апелираат при излегувањеод дома да не бидат гладни и жедни и да се придржуваат до веќе познатите препораки за заштита од топло, а работните организации да ги прилагодат клима-уредите на соодветна температура.

– За 24 часа имаме 200 до 250 повици од кои за 80 до 100 се реализирани интервенции. Најчесто нè бараат поради колапси на улица, поради изложеност на најјакото сонце, но и поради престој на различна внатрешна и надворешна температура. Затоа, апелираме и до работните организации да ги прилагодат клима-уредите на соодветна висината на надворешната температура. Максималната разлика меѓу температурата надвор и внатре не треба да биде повеќе од 10 степени Целзиусови – вели д-р Милица Бубало, раководителка на Итната медицинска помош (ИМП) при Здравствен дом Скопје.

Фото: Принтскрин

Таа препорачува кога граѓаните веќе излегуваат надвор на топло, да не бидат гладни и жедни, зашто дехидрирањето може да биде сериозна здравствена закана.

– Најчесто граѓаните колабрираат пред институции каде што ги обавуваат своите дневни обврски. Така, од премногу топло влегуваат во просторија оладена со клима уред и потоа брзо излегуваат повторно на топло. Тука се случува колабрирање – објаснува таа.

Лекарите од Брза помош интервенираат и поради мозочни удари, а токму топлото време е една од причините за нив.

Д-р Бубало вели дека во периодот што следува очекуваат зголемен обем на работа и  ги советува граѓаните на што да посветат внимание.

– Кардиоваскуларните болни, оние со респираторни заболувања се погодени од овие високи температури и затоа ги советуваме да не излегуваат кога е топло, редовно да ја пијат терапијата, да се разладуваат. Погодени од горештините се и лицата со невролошки заоблувања, па и за нив советуваме зголемена внимателност – вели докторката.

Високите температури можат да доведат и до хипогликемија, односно нагло паѓање на шеќерот во крвта.

Д-р Бубало вели препораките од здравствените служби се веќе добро познати и граѓаните треба да ги применуваат.

– Да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце и заштитни очила и капа. Да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна. Да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци. Пред влегување во возило, потребно е да се проветри. Хронично болните лица редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари – порачава д-р Бубало.

Од Министерството за здравство (МЗ) апелираат граѓаните да ги почитуваат општите препораки за заштита на здравјето, а особено да внимаваат и да преземаат соодветни мерки за заштита од УВ зрачењето.

– Доколку УВ индексот е повисок од 8, задолжително да се користи крема со заштитен фактор и капа, како и да се внимава движењето надвор да биде во сенка. УВ зрачењето и топлината се најсилни во периодот помеѓу 10 и 14 часот и се препорачува во тој период да биде што е можно помала изложеноста на сонце. Воедно, посетителите на плажа треба да имаат предвид дека белиот песок и другите светли површини рефлектираат УВ зрачење и може двојно да ја зголемат изложеноста на зрачењето – се наведува во соопштението од МЗ.

Дополнуваат дека поради високите температури и зголемената можност за појава на труења со храна и цревни заразни заболувања се препорачува задолжително миење на земјоделско-градинарските производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивната употреба, термичка подготовка на храната и нејзино консумирање во многу кус рок по подготовката, а ако тоа не се направи така подготвената храна да се стави во фрижидер на четири Целзиусови степени и пред употребата истата да се загрее на 100 степени.

Се препорачува да се избегнуваат производи кои не се термички обработени, а на хронично болните лица се препорачува редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.

Според временската прогноза, за целиот југоисточен регион на Европа се предвидува летните температури да достигнат натпросечни вредности, а тоа важи и за нашата земја.