Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) пристигнати се над 50 индивидуални приговори за квалитетот на греењето, кое го испорачува БЕГ. Согласно Правилникот за снабдување со топлинска енергија, снабдувачот е прва инстанца каде што потрошувачите треба да поднесат приговор доколку не се задоволни од квалитетот на услугата на снабдувачите. Оттаму, екипи мора да излезат на терен и да спроведат мерење, по што се должни да изготват писмен извештај за фактичката состојба и да го достават до потрошувачот.

Од РКЕ велат дека доколку потрошувачот не е задоволен од одговорот, односно од писменото известување од снабдувачот за квалитетот на испорачаната топлинска енергија, потрошувачот во втора инстанца може да поднесе приговор до нив. Таму има оформено Комисија која работи на решавање на приговорите на потрошувачите.

Исто така, поради енергетската криза и засегнатоста на граѓаните, РКЕ овјави дека веднаш ги става во процедура поплаките кои се доставени до комисијата и во прва фаза со ургенција бара од БЕГ да излезе на терен и да изврши мерење на фактичката состојба.

-Потоа бараме извештај  за тоа како постапиле во однос на пријавениот проблем – рекламација од страна на потрошувачот. Во порамнителните сметки снабдувачот е должен да ја фактурира само потрошената топлинска енергија, по пропишаниот квалитет на услуга од Правилата за снабдување на топлинска енергија, што значи порамнителните сметки би требало да се помали – велат од РКЕ.

Исто така во објавата на РКЕ стои дека снабдувачот има обврска во текот на грејната сезона да обезбеди минимална температура од 20+1 степени Целзиусови во грејните простории во времето од 6 до 22 часот во текот на денот.

Поради проблем поради млаки или студени радијатори се жалат граѓани од делови на Скопје во Кисела Вода, Аеродром, Центар, Карпош, додека пак од топланата Скопје Север која пет дена не ги грееше своите корисници, се надеваат дека денеска Општината Чаир ќе го подмири долгот за да може да купат гас и да го вклучат греењето.