Фото: Министерство за одбрана

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска учествуваше на панел дискусијата на тема „Уривање на стереотипите во спортот, професијата и еднаквоста меѓу половите“ на Интернационалниот биатлон форум, организиран од Биатлон Федерацијата на Северна Македонија, а под покровителство на претседателот на Владата Димитар Ковачевски.

Како што информира Министерството за одбрана, Петровска се осврна на два клучни аспекти за воспоставување на родова еднаквост: на законската регулатива, нормите и политиките за родова еднаквост и родова перспектива кои се донесуваат и имплементираат во министерството и Армијата и на креирањето на работна средина на еднакви можности во која што жените рамноправно ќе учествуваат во исполнувањето на своите должности и одговорности.

-Дали само остануваме на зборови или зборовите ги преточуваме во акции се гледа преку бројки, за споредба во 2012 година процентот на застапеност на жените во униформа бил 5,7 отсто, а оваа година тој процент е 10,15 отсто што покажува еден поприлично голем скок и не само бројот на проценти во вкупната бројка туку има значително подобрување и во однос на нивното рангирање, односно на определени позиции – рече Петровска.

Она на што особено се обрнува внимание за да можеме практично да ја подобриме позицијата на жената во сите структури во министерството и во цивилниот и во армискиот дел, како што се наведува, е всушност нејзината заштита и гарантирање на нејзините права.

Петровска истакна дека Министерството за одбрана дава континуирана поддршка на граѓанските организации кои работат со родовите политики.

Целта на форумот е популаризација на Биатлон спортот и афирмација на жените во спортот и во општеството.