Помошник државната секретарка на САД, Карен Донфрид, на денешната средба со министерката за одбрана, Славјанка Петровска, даде безрезервна поддршка за отворањето на пристапните преговори на Македонија со Европската Унија и порача дека САД остануваат силен поддржувач на развојот на државата и на Армијата.

Како што информираат од Министерството за одбрана, Петровска и Донфрид заклучиле дека Македонија и САД се стратешки партнери и сојузници и дека се посветени на интензивните и блиски контакти помеѓу двете земји, а доказ за тоа, според нив, е стратешкиот дијалог кој треба да се одржи на почетокот на јуни во Вашингтон, кој претставува уште повисоко ниво на соработка.

– САД се наш искрен партнер и поддржувач од стекнувањето на независноста до денеска. Нè поддржавте во развојот и реформите во Армијата, а денеска Северна Македонија веќе е во процес на набавка на нови и софистицирани оклопни транспортери од американско производство, што е доказ за меѓусебната доверба – рече министерката, заблагодарувајќи се за американската поддршка за почеток на пристапните преговори за членство во ЕУ, за која, како што пренесуваат од министерството, рече дека е континуирана и недвосмислена.

Во контекст на состојбата во Украина, Петровска и Донфрид ја осудиле војната во оваа земја и ги повториле јасните позиции на двете земји дека е потребна итна деескалација и прекин на огнот. 

На состанокот во Министерството присуствувале и началникот на Генералштабот, генералот Васко Ѓурчиновски, амбасадорката на САД, Кејт Брнз и заменикот – помошник државен секретар во Бирото за европски и евроазиски работи, Габриел Ескобар.