Во интервју за бугарското радио „Дарик“, бугарскиот премиер Кирил Петков вели дека приближувањето на Македонија кон ЕУ не започнува со членство, туку со долг преговарачки процес во кој ќе се надминуваат најчувствителните прашања.

Да ја оставиме Македонија на патот кон Европа, не значи да ја пуштиме да замине во Европа, има околу 15 години од оваа до втората точка, вели бугарскиот премиер.

– Не можеме да пристапиме со „заборави сѐ што знаеш досега и прифати сѐ како што јас ти велам“. Тој пристап не функционира. Во тие 15 години има 27 поглавја да се отворат. Ако направиме процес да се развива историската вистина, да се отстрани дискриминацијата и јазикот на омразата и тој процес има јасен механизам како да се исчистат тие елементи – рече Петков.

Според него, балканскиот регион е пазар со големина на Франција и може да биде многу поуспешен доколку постои слога и соработка.

– Проблемите се проблеми, треба да работиме на нив, но, да работиме конструктивно, а таму каде што можеме заедно да поправиме нешто, да го направиме тоа“, рече Петков во коментар за новиот пристап на Бугарија во преговорите со Македонија.