Фото: Влада

Годинава ни е повеќе од потребна визија за напредокот на нашата заедничка татковина, нешто што вообичаено го нудат самитите на „Македонија 2025“. Во овие непредвидливи времиња успехот на македонската економија ќе зависи не само од надворешните фактори врз кои не можеме да влијаеме, туку пред се од посветеноста на внатрешните реформи, порача претседателот Стево Пендаровски на затворањето на Самитот на невладината „Македонија 2025“ што вчера и денеска се одржуваше во Скопје.

– Кога луѓето престануваат да веруваат дека нешто може да променат тие едноставно се помируваат со судбината. Најголемата опасност не се самите кризи, туку ставот кон нив. Дилемата е дали ќе бараме решенија или по линија на помал отпор ќе се препуштиме по текот на настаните – истакна Пендаровски.

Тој посочи дека отпорноста кон кризите не е само материјална, туку и ментална.

– Ако сакаме колективната беспомошност да ја замениме со колективна надеж ќе мора да посегнеме по клучниот ресурс, а тоа е волјата. „Македонија 2025“ од своето основање до денес успеа да му помогне на македонскиот бизнис да преброди неколку национални и глобални кризи, да инспирира нови генерации бизнис лидери, да привлече бројни странски инвеститори и да ја одржува надежта дека можеме да ја менуваме реалноста независно од контекстот – нагласи Пендаровски.

Со таква увереност, како што кажа, на почетокот на неговиот мандат ја иницирал рамката за развој „МКД 2030“  како заедничка платформа за долгорочна визија за развојот и иднината на земјава.

– Целта беше да се изгради над партиски национален консензус околу приоритетите неопходни за забрзан раст и подобар живот на граѓаните. Проектот го започнавме во многу поповолни услови од сегашните пред почетокот на пандемијата во време кога се заокружуваше нашата интеграција во НАТО и кога европската перспектива изгледаше многу поблиску – рече шефот на државата.

Сега, после три години, додаде, светот изгледа драматично.

– Пандемијата предизвика глобална рецесија, енергетска криза и ценовни шокови на глобалните пазари. Во 2024 година глобалната економија ќе биде барем за 2,3 проценти помала отколку што би бил без пандемијата. Руската инвазија на Украина доведе и до европска енергетска и прехранбена криза. Паралелно на тоа се соочуваме со блокади на европските интеграции и иселување на младите – нагласи Пендаровски.

Рече дека е голем предизвик да се формулира стратешка рамка за развој во услови на непредвидливи кризи и геополитички шокови. Сепак, додаде, една наша стара мудрост вели – секое зло за добро.

– Затоа верувам дека е добро што „МКД 2030“  ја подготвуваме токму сега бидејќи на тој начин развојната рамка ја калибрираме водејќи сметка за најцрните сценарија и најпесимистичките прогнози – потенцира Пендаровски и додаде дека колку една визија е повтемелена во реалноста, толку се поголеми шансите дека ќе може да ја менува реалноста.

Во документот, како што кажа има четири развојни приоритети од кои првиот е економскиот  раст да биде најмалку 5 проценти на годишно ниво, вториот е транзиција кон така наречената зелена економија, третиот е дигитализацијата, а четвртиот приоритет е образованието и инклузивниот развој.

– Сведочиме дека економските состојби не се менуваат од година во година, туку  од ден на ден, па дури и од час во час. Многу наши бизнисмени и функционери секојдневно мора да носат тешки одлуки. Соочени со суровото секојдневие 2030 година изгледа далеку, но ако наша цел е не само да опстанеме, туку и да напредуваме ќе мора да го преобмислиме моделот на економски развој – рече Пендаровски и додаде дека четирите приоритети се клучни за нашиот развој до 2030 година и потоа без разлика кој ќе биде на власт.

Ако се држиме до нив не само што ќе го пребродиме овој турбулентен период  со помалку загуби, туку и ќе создадеме услови за одржлив развој во иднина.

– Очекувам „Македонија 2025“ заедно со државните институции и со граѓанскиот сектор, академската и бизнис заедница да биде витален дел од овој крупен национален потфат за да создадеме колективна надеж за подобро утре. Помирувањето со судбината не е опција. Нашата подобра иднина зависи само од тоа дали ќе постигнеме национален консензус за овие прашања и дали ќе го почитуваме – порача Пендаровски.