Фото: Архива

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и епарх струмичко-скопски, и до сите христијански верници што го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар.

– Дозволете ми да Ви го честитам најголемиот христијански празник ‒ Велигден. Од сѐ срце Ви посакувам празникот на Христовото Воскреснување да го дочекате во добро здравје, исполнети со мир, хармонија, радост и со среќа. Токму во овие празнични денови, инспирирани од Христовата победа над смртта, да ги обновиме и верата и надежта и вдахновени да правиме добри дела и да даруваме безусловна љубов – се наведува во честитката на претседателот Пендаровски.

За жал, додава претседателот, и овој Велигден го дочекуваме соочувајќи се со бројни економски закани, сѐ уште незакрепнати од пандемијата на ковид-19, а веќе на нашиот континент имаме жесток воен судир во којшто страдаат најранливите. И во 21 век човештвото е загрозено од нетрпеливоста и од омразата и не наоѓа начин за мирно разрешување на конфликтите и на недоразбирањето.

– Се надевам дека светлината на Велигден ќе ни биде поттик и инспирација да истраеме и да не ги изгубиме хуманоста и добродетелството во борбата за егзистенција. Да подадеме рака на сите коишто се во неволја и на коишто им е потребна помош, следејќи го примерот на Исус и поучувајќи се од неговите зборови. Нека е за многу години големиот празник – стои во честитката на претседателот Пендаровски по повод католичкиот Велигден.