Фото: Кабинет на претседателот

Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, прими честитка од претседателот Стево Пендаровски, за изборната победа и новиот претседателски мандат, јави дописникот на МИА од Белград.

– Дозволете ми, во име на граѓаните на Северна Македонија и во мое лично име, да упатам срдечни честитки по повод реизборот за претседател на Република Србија, со желби за понатамошен успех во извршувањето на оваа многу одговорна должност. Во време на сериозни предизвици и потреба од зајакнување на стабилноста, просперитетот и европската иднина на регионот, искрено сум убеден дека ќе продолжиме да градиме мостови на пријателство и соработка и да ги продлабочуваме односите меѓу нашите земји во сите области од заеднички интерес – се наведува во соопштението од Кабинетот на српскиот претседател.

Пендаровски во честитката изразува задоволство од досегашниот конструктивен дијалог и досегашната соработка и истакнува дека се радува што во годините што доаѓаат ќе имаат можност да соработуваат водени, како што вели, од интересите на нашите пријателски народи.

– Со тоа убедување и искрени желби за успех во вашата понатамошна работа, среќа во личниот живот и добро здравје, примете ги изразите на мојата најдлабока почит – стои во честитката од претседателот Пендаровски до Вучиќ.