Фото: Кабинет на претседателот

Професорот Љубомир Фрчкоски, кој неодамна со указ на претседателот Стево Пендаровски, е назначен за амбасадор на земјава во ООН во Њујорк, не е осуден за никакво кривично дело.

Ова го истакна претседателот Пендаровски во вечерашното интервју во ТВ Телма, посочувајќи дека во казнената евиденција на МВР има „едно шест-седум пријави минимум“ за Фрчкоски за тендери, коњи, „рејбани“, меѓутоа ниту една од нив не дојдена до обвинителен акт, а не па до пресуда.

– Фрчкоски само еднаш е осуден, мислам 2008 година, за клевета на тогашниот премиер Никола Груевски, за објавен текст-колумна во тогашен „Дневник“. Јас не мислам дека за тоа што е осуден го прави недостоен, бидејќи знаеме кој беше Никола Груевски и како владееше и го знаеме текстот на колумната. За обвинувањата од пријавен карактер има полициски записник, има пријава во полициска станица, земена е изјава од тогашната сопруга, земена е изјава од Фрчкоски и полицијата ги упатува да го решат спорот на суд. Во казнената евиденција на судот кој ја консултираа од МНР и од мојот кабинет, нема кривична пријава по тој повод – изјави претседателот Пендаровски.

Тој воедно ја објасни и целата процедура за именување на амбасадори надвор од државата, односно предлозите на Владата.

– Според меѓународната пракса околу 90 дена се чека согласност од државата каде што сакате да го праќате. По 90 дена многу ретко доаѓа негативен одговор, обично ви текнува дека не е тој човек за кандидат. Во март Владата ми го предлага Фрчковски за амбасадор. Неполн месец дена после тоа, не после два-три-пет дена, па да речат овие не го сакаат, добивам нов предлог од тогашната Влада за Њујорк – рече претседателот Пендаровски, посочувајќи дека во законот постојат неколку услови кои ве оневозможуваат да бидете на амбасадорска позиција, како што е двојното државјанство, ако сте осуден за некое дело на подолго од шест месеци и ако сте осуден за кривично дело, кое ве прави недостоен за таа работа – функција.