Истакната подготвеноста за достигнување за целите на способност на НАТО

Пред претседателот Стево Пендаровски, денеска, во Домот на Армијата во Скопје, се презентира состојбата со борбената подготвеност на Армијата во тековната година, што е редовна обврска на началникот на Генералштабот кон врховниот командант.

На брифингот, од страна на началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, и директорот на Генералштабот, генерал-мајор Зоран Милески, пред претседателот Пендаровски, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, генералите во Армијата и претставници од кабинетите на претседателот и од Министерството за одбрана, беа претставени состојбата и реализацијата на планираните активности во функционалните области, кои се дел од борбената готовност.

Генералот Ѓурчиновски во своето излагање ја истакна подготвеноста на командите и единиците на Армијата за реализација на сите активности од планираната динамика во процесот на достигнување на целите на способност на НАТО.

Во својот осврт на годината што измина министерката Радмила Шекеринска потенцира дека во 2021 година беше одбележана првата годишнина од членството во НАТО и дека Македонија успешно го положи тестот од првата годишнина како членка на алијансата.

– Вредно работевме и на воената интеграција и ја завршивме во рекордно време за 19 месеци, со што станавме препознатливи како држава во НАТО која најбргу ја заврши воената интеграција. Брзото завршување на воената интеграција е континуитет на успешната политика во Министерството за одбрана, која почна со зголемувањето на буџетот, набавките на нова опрема, членството во НАТО и севкупното зајакнување на капацитетите на Армијата – рече министерката, која посочи и дека оваа година нашето небо стана дел од системот за воздушно патролирање на алијансата.

Шекеринска нагласи и дека веќе се избрани и првите пет офицери што ќе нѐ претставуваат во НАТО-командната структура во Измир, Монс и во Брисел и е почната селекција на дополнителни седум.

– Ја зајакнавме со персонал и Постојаната делегација на Северна Македонија во НАТО ,како и Канцеларијата за врски во СХАПЕ. Разбирајќи ја опасноста од современите безбедносни предизвици, потпишавме меморандум за соработка со НАТО во доменот на сајбер-безбедноста, а соработка во оваа област остваруваме и со нашиот стратегиски партнер САД – додаде министерката.

Во заклучното излагање, претседателот и врховен командант, Стево Пендаровски, пред учесниците на брифингот го изрази своето задоволство од професионалноста, посветеноста и од покажаната пожртвуваност на припадниците на Армијата во справувањето со пандемијата и пожарите во земјата.