Западен Балкан е неизоставен дел од идната безбедносна структура во Европа. Затоа евроатлантската и европската интеграција на Западен Балкан е безбедносно прашање и алатка за зајакнување на стабилноста. Оттука упатуваме јасна порака за што поскоро отпочнување на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, што е од круцијално значење за зачувување на регионалната и европската безбедност, истакна шефот на дипломатијата Бујар Османи, кој учествуваше на состанокот на Северно-атлантскиот совет на ниво на министри за надворешни работи, што се одржа во седиштето на НАТО во Брисел.

Како што соопшти МНР, централна тема на сесиите беше актуелната безбедносна состојба предизвикана од руската воена инвазија во Украина, како и мерките и активностите што Алијансата ги презема за гарантирање на безбедноста на сите земји членки на НАТО.

Воедно, стана збор и за новиот Стратешки концепт, што треба да одговори на новата геополитичка реалност и да постави идна стратешка визија за Алијансата. 

На посебна сесија на која учествуваа и министрите за надворешни работи од партнерските земји како и високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел стана збор за односите на НАТО со партнерите и начинот за натамошно унапредување на соработката и поддршката од страна на Алијансата, а со цел зајакнување на нивната отпорност.

Османи и во оваа прилика најостро ја осуди војната во Украина, особено грозоморните убиства на цивилното население и повика на итен прекин на огнот, при што ја реафирмира нашата солидарност со Украина. Воедно, ја нагласи неопходноста за натамошно зајакнување на присуството на НАТО во Западен Балкан, како регион подложен на зголемено влијание од страна на трети држави, стои во соопштението на МНР.   

Во рамки на состаноците, министерот Османи оствари билатерални средби со своите колеги од Финска и Словачка.