Фото: МНР

Португалскиот предлог како основна рамка останува најдоброто решение за деблокирање на нашите евроинтеграции, оценува министерот за надворешни работи Бујар Османи во коментар за последните изјави на бугарскиот премиер Кирил Петков за преместување на ветото по отворање на преговорите и промена на Уставот пред отворањето на првото поглавје, а ЕУ да биде гарант за менување на Уставот.

-Сметам дека португалскиот предлог како основна рамка за идеите кои се разменуваат меѓу двете влади последните недели останува најдоброто решение за деблокирање на европската перспектива на Северна Македонија, па на регионот – вели Османи за ТВ Телма.

Бугарскиот премиер Кирил Петков во изјава за БТВ денеска повтори дека гаранција за правата на Бугарите во земјава може да се обезбеди преку процесот на европска интеграција, за кој оценува дека за земјава ќе трае најмалку 10 години.

Шефот на дипломатијата Османи утре оди во Берлин, а наредниот ден во Софија. Во рамки на работна посета на Сојузна Република Германија тој ќе има средби со државната министерка надлежна за Европа, Ана Лирман, со Михаил Рот, претседател на Комисијата за надворешни работи, и со Антон Хофрајтер, претседател на Комисијата за ЕУ прашања на кои очекува реафирмирање на германската позиција во однос на нашето европско досие и поддршка во однос на итната потреба од деблокирање на пристапниот процес со ЕУ.