Фото: МНР

Македонија ги исполни сите услови за старт на преговорите и дополнително, постигна стопроцентно усогласување со надворешната и безбедносната политика на ЕУ, како и 40-процентно усвојување на законодавството на ЕУ. Сега е критичниот момент и Европската унија да испорача преку усвојување на преговарачката рамка, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешната средба со министерот за Европа и надворешни работи на Франција, Жан Ив Ле Дриан која се одржа на маргините на состанокот на Коалицијата за борба против ИСИС во Маракеш.

Како што истакна министерот Османи, надворешно-политичките и безбедносните ризици во новата геополитичка реалност го наметнуваат ефектуирањето на одлуката за почетокот на пристапни преговори со Северна Македонија, доколку Европската унија сака да го задржи својот кредибилитет, пред се во регионот и да го демонстрира своето геостратешко лидерство.

Во фокусот на разговорите со неговиот француски колега, информира МНР, беа активностите и плановите на француското претседателство со Советот на ЕУ во однос на интеграцијата на државите од Западен Балкан и неопходноста од забрзување на европскиот пат на нашата држава.

-Соговорниците разменија мислења и за актуелната ситуација во Украина и справувањето со безбедносните предизвици во регионот, како последица на руската агресија врз Украина – наведува МНР.