Фото: ЦУК

По пријава од Општина Неготино, директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов денеска ја посетил браната „Липа“ и увидел дека состојбата е сериозна.

Со цел да се утврди состојбата на терен и соодветно превентивно да се реагира, директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов изврши увид на оштетената брана Липа во Неготинско, којашто протекува од многу места и има опасност од рушење на дел од насипот, информираат од Центарот.

Браната која претставува насип од камења и земја, на повеќе места во долниот дел протекува и постои опасност од уривање.

-Постои опасност при евентуално посилен дожд дел од браната на попушти и да биде загрозено населението кое живее подолу од акумулацијата или да бидат загрозени луѓето и нивните стада кои тука се напасуваат. Загрозен може да биде и дел од патот во овој крај. Решение мора да најдеме зашто сега акумулацијата е во државна сопственост. Можеби ќе треба акумулацијата да се испразни. Сега состојбата може да ја оцениме како сериозна зашто вода истекува на повеќе места иако до половина има вода – изјави Ангелов.

Браната била изградена пред педесетина години од страна на земјоделска задруга и практично претставува дива брана. Со странска помош пред 7 години браната била реконструирана.

По направениот увид и документирање на состојбата на терен, како што потенцираат од Центарот за управување со кризи, ќе следат и наредни чекори за превентивно дејствување, преку Секторот за операции и координација, во координација со субјектите од системот за управувње со кризи.