На македонскиот психолог и универзитетски професор Олга Мурџева-Шкариќ денеска ѝ беше доделена „Цветинова награда за мир”. Олга Кирилова Мурџева-Шкариќ дипломирала на Филозофскиот факултет во Белград (1967). Магистрирала на Универзитетот во Париз (1973), а докторирарала на Филозофскиот факултет во Скопје (1983). Работела како клинички психолог (1969-1972), а од 1973 година е вработена на Филозофскиот факултет во Скопје. Основоположник е на Институтот за психологија (1974), на Балканскиот центар за проучување на мирот (1993), на Студиите за мир и развој при Филозофскиот факултет во Скопје (1997), како и на научните дисциплини развојна психологија, психологија на родот и трансформирање на конфликтите.

– Преку едукацијата за мир најголема промена која се очекува е сознанието дека Мирот почнува од мене! И најдолгиот пат почнува со првиот чекор. Живко Поповски-Цветин има широки полиња на цвеќиња за мирот. Не знам кое цветче било прво, но знам дека во август 1995 година јас носев по четири слики цвеќиња на мирот и книги, подарок од Живко наменети за миротворци од предучилишните организации во склоп на ОМЕП на Јапонија. Два цртежи ги подарив во Јокохама, еден на ОМЕП и еден на здружението Харунире (Млади мајки). Потоа на 6 август, во 8.15 часот, присуствував во Хирошима на комеморација во Меморијалниот парк на мирот, по повод 50-годишнината од фрлањето атомска бомба (1945 – 1995). И таму ги подарив останатите два цртежи Цвеќе на мирот. Едниот цртеж го примија во гимназијата каде на тој ден од атомската бомба согореле 350 гимназијалки и професори. Мошне трогнати, сликата ја поставија на видно место и изјавија дека ќе ја користат на државните и меѓународните самити кои ги организираат. Другата слика на Универзитетот во Хирошима на студиите за мир ја предадов на 70-годишната пензионирана професорка Масоко Соџи (1925-1998). Беше една од ретките хибакуши која ја преживеа атомската бомба. Таа ни приреди свечен ручек и ми ја подари нејзината книга Воспитание за мир – водич за родители. Во реката Ота пуштив фенер за покој на душата на Садако, (10-годишно девојче кое додека било во болницата верувало во легендата дека ќе оздравее, ако направи 1000 жерави, света птица во Јапонија! Како и мнозина други, починала од леукемија – болест на атомската бомба). Не стигнала да направи 1000 жерави, но тоа го направиле во нејзиното одделение, кои потоа за неколку години собрале и изградиле голема статуа на Садако во Меморијалниот парк. Кога се вратив во Скопје почнавме во некои градинки да изработуваме 1000 оригами-жерави за мирот во чест на Садако – вели Олга Мурџева-Шкариќ.

Мурџева-Шкариќ раководела низа проекти на меѓународните организации УНЕСКО, УНИЦЕФ, УНДП, ТЕМПУС, ОМЕП и ИПРА. Меѓународен експтерт е во областа на развојот на рамноправните односи меѓу половите и развојот на културата на мирот и ненасилството. Објавила повеќе трудови, учебници и прирачници.

– Живко Поповски-Цветин (1944) бил кандидат за нобеловата награда 2009 и не ја добил, ама признание е што бил избран во тесниот круг на првите пет од 205 кандидати!
И еве сега, почнувајќи од 24 октомври 2021, во Р. Македонија Живко Поповски доделува Цветинова награда за мир! За мене таа е повеќе од Нобелова награда. Голема чест. И уште поголема обврска! Бидејќи, јас, големата миротворка, често кога сум легната под сенка, се фаќам себе си како пеам војничка песна! Затоа, потребно е големо внимание да не се посрамоти оваа голема награда и доверба! И, ајде, да се свртиме кон заедничко миротворење и кон ширење на кругот миротворци. Патот до мирот е само преку мирот – додава Мурџева-Шкариќ.