Фото : Влада

Премиерот Димитар Ковачевски на својот Фејсбук профил напиша дека денеска се навршува 21 година од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.
-Република С.Македонија низ годините покажа дека успешно гради заедничка иднина за сите граѓани подеднакво. Ние сме мултикултурна, мултиетничка функционална демократија, земја на пријателства, соживот и заедништво. Тоа е нашата сила, нашиот темел за развивање на држава со еднакви услови за сите Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други заедници кои оваа земја ја сметаат за свој дом – наведува Ковачевски.
Според премиерот Ковачевски, Охридскиот договор се темели на принципите на инклузивност, тој гради, сплотува, интегрира, промовира заедништво.
-Со овие вредности ние денес сме членка на НАТО и земја која ги отпочна преговорите со ЕУ. Нашата земја чекори по еден нов пат и одлучно и сигурно се приклучуваме на европското семејство, обединети во различностите – напиша премиерот Ковачевски на Фејсбук.

Груби: Охридскиот договор е камен-темелник на сите демократски достигнувања

Првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби денеска упати честитка по повод 21 година од потпишувањето на Охридскиот мировен договор.
-Пред 21 година, со потпишувањето на Охридскиот мировен договор во земјава,  почна да исчезнува маглата од идеологиите на омраза, надмоќ, дискриминација, деструктивни предрасуди за здравата перспектива на иднината што ја зафати нашата земја – посочува Груби во честитиката.
Денес, како што потенцира Груби, сите сведочиме за револуцијата на прогресивна трансформација што овој правен акт ја предизвика во регулирањето на државата преку воспоставување на неопходните вредности на мир, еднаквост, консензуална демократија и социјална кохезија.
Според него, Охридскиот мировен договор е камен-темелникот на сите демократски достигнувања на земјата, вистинскиот одговор на повиците за еднаквост, иницијатор на поглавјето на нашето европско патување, штитот на нашата непоколеблива прозападна определба.
-На овој голем ден за историјата на земјата, доволно е да размислиме за реалноста за да го разбереме големото влијание на овој документ што не ни дозволи да потонеме во бездната. Никој не изгуби од еднаквоста, напротив, подобро ги запознавме меѓусебните вредности и во соживот успеавме да се интегрираме во НАТО, да напредуваме значително на патот на интеграцијата во Европската унија со започнување на преговарачкиот процес. Нека бидат вечна инспирација годишнините од Охридскиот договор! Честитки за сите – посочува Груби.

Османи: Рамковниот договор, еден од уставните и политички темели на современа С.Македонија

Дваесет и една година Охридски рамковен договор, еден од уставните и политички темели на современа С.Македонија – напиша на Фејсбук министерот за надворешни работи Бујар Османи.
–Градејќи ја нашата европска иднина, продолжуваме да инвестираме во нашиот автентичен модел на функционална мултиетничка демократија. Договорот претставува вредно наследство на оваа генерација и еден од клучните столбови на стабилноста и меѓуетничката кохезија на С.Македонија – истакна Османи на Фејсбук.

Бесими: Со Рамковниот договор беше обезбедена демократска и евроатлантска иднина на нашата држава

Денеска одбележуваме 21 година од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, со кој беше обезбедена мирна, демократска и евроатлантска иднина на нашата држава, со еднакво учество на сите етнички заедници, напиша на Фејсбук министерот за финансии Фатмир Бесими.
Република Македонија, како што напиша Бесими, прерасна во единствена функционална мултиетничка демократија во регионот, земја за пример и рамноправен дел од меѓународната заедница.
-Духот на Охридскиот рамковен договор е во согласност со современите европски вредности и претставува основа за остварување на правата на сите граѓани. Продолжуваме и понатаму заедно да работиме на неговото зачувување и имплементирање – напиша на Фејсбук Бесими.