Фото: Игор Бансколиев

Француските дипломати во седиштето на ЕУ не се запознаени со нова иницијатива за надминување на спорот меѓу Софија и Скопје по посетата на македонската делегација во Бугарија, јави дописничката на МИА од Брисел.

Според информациите на МИА, процесот е целосно во рацете на Софија и Скопје, а делумно и во Париз, пред сѐ кај францускиот претседател Емануел Макрон, чиј предлог беше отфрлен минатата недела од страна на Македонија.

Македонската влада ги истакна своите црвени линии: јазикот, Уставот, протоколот, историјата, и рече дека е подготвена да разгледа нов предлог, доколку таков биде ставен на маса.

Медиумите информираа дека македонска делегација била во посета на Софија вчера, но никој не соопштува конкретни резултати по средбите.

Франција претседава со ЕУ до крајот на овој месец, уште два дена. Денеска се одржува состанок на амбасадорите на ЕУ во Брисел, но нема информација дека Бугарија и Македонија се на дневен ред. Дипломатски извор од земја членка на ЕУ за МИА вели дека не слушнале ниту за нов француски предлог.

Доколку до крајот на јуни нема напредок, прашањето се префрла кај следното претседателство, а тоа е Чешка, од први јули до 31 декември.