Фото: Приватна архива

Изгорениците се едни од најчестите повреди кои можат да бидат површни или длабоки и ги зафаќаат обично деловите од телото што не се покриени, т.е. шаките, лицето и вратот, вели д-р Гордана Георгиева од Клиниката за пластична хирургија

Најмалиот пациент со повреда од пиротехника имал само 8 години

Од мали изгореници, па се до сериозни повреди и ампутација на прсти или делови од раката се само дел од повредите при користење на пиротехнички средства со кои се соочиле докторите на Клиниката за пластична хирургија.
Д-р Гордана Георгиева од Клиниката за пластична хирургија вели дека иако трендот на поврдени деца од употреба на петарди е во опаѓање, сепак свеста за некористење на пиротехника се уште е мала. Раскажува дека најмалиот пациент со повреда од пиротехнички средства имал само 8 години.

Петардите и пиротехничките стедства се редивен декор и најупотребувани пред и за време на новогодишните празници. Многупати и самите родители им купуваат на своите деца петарди за да им ја направат повесела новогодишната ноќ, но тоа задоволство од забава лесно може да се претвори во трагедија.

– Оваа година, досега нема хоспитализирани пациенти на нашата клиника со повреди од оваа природа – вели д-р Георгиева.

Според неа, познавањата на децата и адолесцентите за пиротехничките средства се доста поголеми од тие на повозрасните.
– Тие се и доста креативни за тоа како да ги искористат се со цел да предизвикаат поголема и побучна експлозија, а притоа не се свесни за опасностите, за повредите што може да се случат, како и за последиците од тие повреди – објаснува докторката.

Таа посочува дека последиците од употреба на пиротехнички средства, во зависност од типот на повредата се различни.

– Изгорениците се едни од најчестите повреди кои можат да бидат површни или длабоки и ги зафаќаат обично деловите од телото што не се покриени, т.е. шаките, лицето и вратот. Помалите повреди обично имаат добар исход со создавање лузна и мало нагрдување. Колку што повредата е посериозна и е настанато поголемо оштетување на ткивото, толку последиците се потешки и често со намалена функција на зафатениот дел од телото, што обично е шаката, па и оштетување на видот доколку се повредени очите. Експлозивните повреди се оние што се потешки и подраматични и предизвикуваат големи оштетувња на ткивата. Најчесто се повредени шаките и доаѓа до оштетување на кожната покривка, мускулно-тетивниот апарат со кој ги движиме прстите, повреда на артерии, нерви т.е се нарушува циркулацијата, сензибилитетот и моториката на екстремитетот, па и скршеници на коските. Најтешки оштетувања со кои сме се сретнале на нашата клиника се ампутации на прсти, па дури и ампутација на цела шака кои секако дека го менуваат животот на пациентот. Секако дека доколку повредата е кај дете, оштетувањето може да има големо влијание врз неговиот понатамошен професионален развој и живот – објаснува д-р Георгиева.

Вели дека на Клиниката за пластична хирургија има многу успешни приказни со реплантирани, сочувани и реконструирани прсти и шаки.

– Од податоците на нашата клиника најчесто се повредени пациенти на возраст од 14 до 22 години, иако не е мала бројката и на повредени возрасни – додава таа.

Според д-р Георгиева, пред пандемијата, Клиниката за пластична хирургија организирала кампања во соработка со Министерството за здравство во сите основни училишта во град Скопје и преку интерактивни предавања ги запознавале учениците со опасностите од употребата на петардите и други пиротехнички средства.
– Бевме презадоволни од нивната реакција и повратните информации и среќни дека ги прифатија нашите совети и препораки. Овие две години на пандемија ја продолживме кампањата преку социјалните мрежи и медиумите. Сметам дека успеавме да допреме до сите возрасни групи и нашите апели вродија со плод. Се надевам дека така и ќе остане до крајот на празниците – посочува таа.

МВР презема мерки за санкционирање на употребата на петарди и други пиротехнички средства и ги потсетува граѓаните за законските одредби во кои е санкционирана употребата на пиротехнички средства и нивната нелегална продажба.

Законот за прекршоци против јавниот ред и мир во член 31 предвидува глоба во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност за оној кој неовластено пука од огнено оружје, употребува пиротехнички средства или сличен експлозивен или лесно запалив материјал, или на сличен начин го нарушува мирот и безбедноста на граѓаните.
Согласно Кривичниот законик, во член 396 е предвидено недозволеното изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи, при што: Тој кој што неовластено изработува, држи, продава, набавува или врши размена со огнено оружје, муниција или експлозивни материи, ќе се казни со затвор од три до десет години;
Ако предмет на делото од ставот 1 е поголемо количество на огнено оружје, муниција или експлозивни материи, или огнено оружје, муниција или експлозивни материи кои на граѓаните им се забранети, сторителот ќе се казни со најмалку пет години затвор.