фотографии: Приватна архива

ОБРАЗОВАНИЕ – Каде се некогашните најдобри студенти?

„Нова Македонија“ со повеќе написи ќе објавува каде се и што работат нашите некогашни најдобри дипломци

Почнала со хортикултура, на студиите учела за месо и млеко, дипломирала на тема брашно и леб, а магистрирала на проект каде главната суровина ѝ биле лушпи од кромид.

Симона Ангелеска е дипломиран земјоделски инженер и магистер на науки, вљубеник во природата, надежен пчелар и голем гурман, која има дипломирано со просек десет.

– Покрај моите родители агрономи, кои ми се вистинска инспирација, и бабите од Богомила каде го поминав целото мое детство со хранење на добиток и одење во бавчите, некако се подразбираше кој кариерен пат ќе го изберам во животот. Кога се запишав во средното земјоделско училиште „Браќа Миладиновци” во Драчево, сите ми се чудеа и потсмеваа… Речиси цела моја генерација замина во гимназиските и економските училишта. А јас избрав да патувам со автобусот со број „41” затоа што само таму имаше струка хортикултурно уредување. Тоа беше мојот прв мал и прекрасен чекор во агрономството, кој понатаму ми отвори широки врати. Јас би рекла, најубавите години во животот – раскажува Симона за своите почетоци.

Фото: Приватна архива

Средното образование го има завршено за три години. Додека била трета година, ги подготвувала и испитите од четврта. На Факултетот за земјоделски науки и храна (ФЗНХ) се запишала на само 17 години и со тоа била најмлад студент во генерацијата. Студирала на програмата Преработка на земјоделски производи и производство на храна, отсек – производи од животинско потекло, во група со само неколку колеги.

– Студирањето на ФЗНХ ми беше едно посебно искуство, а кога ќе ме прашаат дали беше тешко, ќе одговорам дека беше доволен предизвик за еден гурман како мене, да издржи до крај на предавањата за млеко, сирење, кашкавал, а притоа без да му се пријаде. Најголем дел од предметите ни беа кај проф. д-р Соња Србиновска, со која беше уживање секое предавање. Паралелно додека студирав, станав активен член на студентската организација БЕСТ, каде три години бев дел од управниот борд. Тоа беа најубавите години од мојот живот. Се изградив како личност, инженер, креативец и голем пријател. Живеевме студентски, патувавме и се држевме со луѓе од цела Европа, организиравме инженерски натпревари, саеми за вработување и летни курсеви на различни факултети на УКИМ – се сеќава Симона на своите студентски денови.

Фото: Приватна архива

На почетокот на четврта година од студиите, проф. д-р Гоце Василевски од катедрата Полјоделство ѝ соопштил дека ако дипломира на време, ќе може да аплицира на Медитеранскиот агрономски институт во Хања, на островот Крит во Грција.

-Тоа „на време” значеше: исчистено сè и дипломирано до крај на јуни. Се сетив на предизвикот во средно и реков дека овој предизвик ќе биде само негова реприза. И успеав – раскажува Симона.

На Крит заминала по неполни три месеца и тука започнуваат нејзините најубави години во животот.

-Студирав на катедрата за Контрола на квалитет и биохемија на секундарни метаболити, во двегодишни студии, каде првата година се слушаа и полагаа предмети, а втората година се правеше истражување и се пишуваше магистерска теза. Воопшто не беше тешко да се избалансира студентскиот живот, учењето и плажите на тој прекрасен остров. Имав одлична прилика да изберам проект за теза, кој се однесуваше на преработка на отпад од храна за добивање на материи што се употребуваат во пречистување на вода. На истата тема публикував и сопствен труд, како прв автор во меѓународно списание, а магистрирав со Cum Maxima Laude – раскажува Симона.

Фото: Приватна архива

Кога се вратила од Грција почнал нејзиниот пат кон вработувањето.

– Најпрво се обратив во матичното училиште каде успеав да бидам цели три дена професор по градинарство. Потоа ми побараа партиско определување, кое не го прифатив и ме „отпуштија”.  Потоа се обратив на матичниот факултет, кој во тој момент единствено што можеше да ми понуди е волонтерство на катедрата за Полјоделство, кај проф. д-р Дане Бошев. Како прво кариерно ангажирање, решив да не го одбивам. И додека мерев влажност во семиња, кои ги спремавме за сеидба, слушнав како две колешки разговараат дека се бара човек за контрола на квалитет и кој зборува одлично англиски јазик, во новата турска млекара. Немаше јавен оглас и единствениот начин да стигнам до интервју беше да најдам телефон од компанијата и да закажам. Преку некој што знае некој, стигнав до одговорното лице и после неколку интервјуа го потпишав мојот прв договор за вработување како специјалист за сурово млеко. Од тој ден, секој нареден бев на терен, по фарми низ цела Македонија, од сабајле во пет часот (за да фатам утринско молзење) до вечер до 17 часот (за да го фатам вечерното молзење). Станав мал експерт во одгледување на молзни крави, хигиена на молзење и квалитет на млеко, а уште поубавиот дел од работата беше што ги запознав речиси сите села низ Македонија – зборува за своето искуство Ангелеска.

Фото: Приватна архива

После многу краток период добила нова позиција како Специјалист за контрола на квалитет и безбедност на храна. Тоа бил моментот кога сфатила што сака да работи во животот: ХАСАП- планови, анализа на ризици, ИСО-сертификации.

Денес таа работи во „Пивара“ – Скопје АД како менаџер за управување со системи за квалитет, безбедност и животна средина.

– Колку пати реков: најубавите години? Во едно сум сигурна, дека пак да се вратам на уписите во средно, пак ќе го изберам истиот пат – заклучува Симона.