Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска оствари средба со Георг Вуцас, вонреден и ополномоштен амбасадор на Австрија во земјата, по повод последните трагични случувања и грозоморни убиства во Виена.

Како што информираат од Министерството, на средбата Османи ја пренел македонската поддршка за Австрија во справувањето со вчерашниот акт на тероризам и притоа изразил сочувство за семејствата на жртвите и настраданите пренесувајќи ги и желбите за што побрзо заздравување на повредените.

Османи истакнал и дека за радикалниот ислам и сите форми на екстремизам нема толеранција и оправдување.

– Силно го осудуваме синоќешниот терористички напад во Виена и ја споделуваме болката со нашите австриски и европски пријатели. Тероризмот не признава ниту нација ниту потекло и цврсто стоиме против сите негови форми, без разлика од кого е сторен. Сега е најважно да се покажат солидарност и координација во заедничкиот одговор против ваквото зло, кое ѝ штети на толеранцијата и се заканува да создаде раздор помеѓу Европа и други делови од светот. Одговорот треба да биде едногласен и одлучен, солидарноста на Европа е клучна во овие моменти на заштитата на нашите демократии – истакнал Османи посочувајќи притоа дека Република Северна Македонија и како членка на НАТО, и како земја кандидат за членство во Европската Унија активно придонесува кон меѓународната коалиција за борба против тероризмот од каков било вид.

На средбата тој изразил и целосна подготвеност на нашите безбедносни структури за активна соработка со безбедносните органи на Австрија и Европол.

– Со оглед на појавените информации за можните двојни државјанства на некои од учесниците, добив потврда од нашите безбедносни структури дека се во целост ставени на располагање за потребите на органите на прогон на Австрија, како и на Европол. Северна Македонија ќе се залага безрезервно во справувањето и сузбивањето на ваквите и какви било други видови тероризам и насилство врз невини луѓе, кои ги загрозуваат стабилноста и демократијата на Европа и ги нарушуваат нејзините основни вредности и принципи – рекол Османи упатувајќи уверување за целосна соработка и отворена поддршка од нашата земја при расчистување на целиот случај и изведување на напаѓачите пред лицето на правдата.