фото: Маја Јаневска-Илиева

Градинките ќе примаат деца и покрај најавите на СОНК за штрајк, кои ќе се остварат доколку до понеделник не биде постигнат договор за барањата на синдикатот, додека основните училишта се поделени според прашањето за одржување на настава во случај на штрајк, судејќи според одговорите на неколку директори на скопските образовни институции со кои разговараше „Нова Македонија“.

– Разочарани сме од односот на Владата на нашите барања. Не добивме никакви бројки или нивни размислувања и ставови за нашите барања, така што, доколку до понеделник не оствариме прифатлив договор, ќе пристапиме на штрајк кој ќе трае до остварување на нашите барања – ни изјави претседателот на СОНК, Јоаким Неделков.

Барањето за покачување на платите кои се на граница на законскиот минималец се причината за генералниот штрајк кој за понеделник го закажа СОНК, откако пред два дена без успех завршија преговорите со Владата за покачување на платите во образовните сектори за 18,4 отсто, како и за дополнително усогласување на почетната плата, односно минималната плата со колективните договори.

Согласно одуката на својата четврта седница одржана на 29 март, СОНК до сите основни и средни училишта, градинките, ученички и студентски домови, високообразовни и научни установи во државата испрати упатство за организирање и одржување на штрајкот, според кое штрајкот би се одвивал во самите образовни установи, во работно време и во простории одредени од претседателите на синдикалните организации, во договор со директорот на установата.

– Самиот чин на штрајк значи дека не би требало да има наставно-образовни и згрижувачки активност во установите. Со оглед на тоа што сите наставници или воспитувачи не се членови на СОНК, ние не можеме да им наложиме на оние што не се членови да штрајкуваат. Но, доколку сакаат, со писмена изјава можат да се приклучат на штрајкот – истакна Неделков, апелирајќи до родителите да имаат разбирање и да се снајдат, односно да не ги пуштаат децата во школо или градинка доколку има штрајк, бидејќи во такви ситуации според регулативите и законите, одговорноста не е на наставниците, туку на образовната установа, како и на директорите на училиштата, градинките, ученичките домови…

Меѓутоа, иако СОНК интегрално испрати упатства до сите воспитно-образовни институции, директорите на градинките кои ги контактиравме велат дека ниедно дете нема да биде вратено в понеделник .

– Без разлика дали СОНК и Владата ќе најдат заеднички јазик во врска со покачувањето на платите или ќе се штрајкува, ние в понеделник нема да вратиме ниедно дете – ни кажа директорката на детската градинка „Буба Мара“ во Ново Лисиче.

Сличен одговор добивме и од директорката на детската градинка „Срничка“ во Аеродром.

– Се надевам дека во овие неколку дена СОНК и Владата ќе најдат заеднички јазик и дека нема да има штрајк. Чекаме насоки од СОНК за внатрешна организација, но децата нема да ги оставиме пред врата – порачаа од градинката „Срничка“.

Директорката на основното училиште „Исмаил Ќемали“ во Чаир, Бурбуке Имери пак, ни кажа дека доколку не се најде заеднички јазик помеѓу СОНК и Владата, в понеделник нема да се одржува настава и нема да се примаат ученици во школото. Од друга страна, има и училишта чии директори се залагаат за непречена настава.

– Јас како директор на ова училиште според сите регулативи и закони кои ми ги налага функцијата, ќе се залагам за одржување на непречена настава. Се надевам дека нема да има непријатни ситуации и дека Владата и СОНК нема да дозволат прекин на образовниоит процес, кој со закон е загарантиран за секое дете, освен во вонредни услови на војна или пандемија – истакна директорот на едно скопско основно училиште.

Застапниците на синдикалните права на наставниците, пак, имаат свој став.

– Добивме јасни насоки од СОНК за одржување на штрајкот и ќе се придржуваме до нив доколку во меѓувреме Владата и синдикатот не најдат заеднички јазик во врска со нашите барања – посочи претседателот на наставничкиот Синдикат, во едно од скопските основни училишта.

СОНК претходно испрати oдлука и упатство до воспитно-образовните установи за организирање и одржување на генералниот штрајк.