Фото: Принт-скрин

Првиот македонски турист што беше спасен во Посиди на Халкидики, откако вчера со уште двајца пријатели влегле во морето, во разговор за грчките медиуми опишува низ што поминал до неговото извлекување од водата. Станува збор за 25-годишно момче кое е во добра здравствена состојба.

– Отидовме да пливаме со моите пријатели, на место кое тогаш беше мирно. Немаше проблем, ниту високи бранови, ниту многу ветер. Но, за две минути, без да сфатиме, сѐ се смени. Ни попушти вниманието на неколку минути, додека бевме во плиткото. Но, тоа беше доволно за времето да се промени и водата да нѐ вовлече длабоко во морето“, опишува спасениот турист за „Иефимерида“.

Тој додава дека се обидувал да остане смирен и над површината на водата.

– До мене беше мојот друг пријател, третиот воопшто не го видов. Одеднаш и него го изгубив за неколку секунди – вели првиот спасен македонски турист.

За негова среќа, му пришол сурфер. Тој не можел да му помогне, но му рекол да почека, да остане смирен и дека помошта ќе дојде наскоро. Сурферот ја известил крајбрежната стража и им ја кажал точната локација на момчето. Останал со него се додека не стасале спасувачите и Македонецот не бил на безбедно. Спасениот турист моментно е во болницата „Полигирос“.

Тој дознал дека е пронајден едниот од неговите пријатели, при што вели оти посакува да биде пронајден и третиот. Спасениот пренесе и порака за своите спасувачи.

– Сакам јавно да им се заблагодарам на моите спасувачи од крајбрежната стража. Тие беа многу професионални. Им го должам мојот живот и наскоро ќе се обидам да ги видам лично, да им се заблагодарам – порачува македонскиот турист.