Фото: Влада

Украина има партнерски однос со НАТО, но не е членка на Алијансата. На билатерална основа може да помагате, меѓутоа трупи на НАТО, вклучително и наша војска, нема да видите во борбени дејствија на украинска територија во случај таму тензиите да бидат до ниво на отворен конфликт. Значи, тоа е нашиот став, изјави денеска претседателот Стево Пендаровски, одговарајќи на новинарско прашање по 14-тата Седница на советот за безбедност.

Не треба, посочи Пендаровски, да се верува во пропагандите дека НАТО како Алијанса ќе се ангажира на украинска територија во случај ако „Русија би напаѓала“, нагласувајќи дека „тоа нема да се случи“.

– НАТО како Алијанса досега нема донесено одлука за свое борбено учество во Украина. НАТО, нема ниту да донесе одлука за борбено учество на Алијансата во Украина. Сосема независно како ќе се одвива развојот на настаните таму. Зошто? Затоа што, според Вашингтонскиот договор, Членот 5, само нападот врз една членка се смета за напад врз сите и само, само во тој случај, сите други се обврзани да помагаат и со борбени трупи, изјави Пендаровски, одговарајќи на новинарско прашање дали на состанокот е дефинирана официјалната позиција на Северна Македонија за можно испраќање војници под знамето на НАТО и на други сојузнички мировни или воени мисии во Украина.

Пендаровски, посочи дека тоа што сега се прави, е „генерирање на сили“, односно дека НАТО во случај на кризи на своите граници кои може да ескалираат во нешто покрупно, посериозно е должна да разработи неколку сценарија.

– И тие велат – во случај да има вакво ниво на конфликт, што вие ќе понудите како членка на НАТО, на што сте обврзани. Значи, само во таа смисла се зборува за подготвеност или кревање на нивото на мобилност на Армијата. Но, не е, ниту било, ниту ќе биде, во смисла да се учествува со борбени трупи на територија на држава која не е членка на Алијансата – изјави Пендаровски.

Според шефот на државата, не треба да се заборави дека присуството и во Авганистан и во Ирак, било по падот на талибанскиот, односно по падот на режимот на Садам Хусеин.

– Значи, не бевме таму да војуваме. Само и само ако се случи напад на земја членка на НАТО од Балтикот до долу, а Украина не е членка, можеме да разговараме и за такви верзии, варијанти, што во таа ситуација, бидејќи тогаш ќе се постави на дневен ред и прашањето за имплементација на членот 5 од Вашингтонскиот договор кој подразбира ако некој од нас 30 членки биде нападнат, дека ние мораме да дадеме помош. Тоа важи и не дај Боже, некој и нас да не нападне. Сите други ќе мораат да ни помагаат и со борбени трупи – одговори Пендаровски.