Фото: Архива/ Маја Јаневска Илиева

Целосно нормализирање на наставата, сепак се очекува веќе од вторник, по првомајските празници

Последниот работен ден од месецов, прв откако штрајкот во градинките и училиштата е ставен во мирување, почна како и секој вообичен, нештрајкувачки. Но, со многу полупразни училници. Во училишните клупи ги нема сите ученици. Најмногу отсуства има од прво до петто одделение. Родителите велат дека веќе ги имаат оставено децата на чување кај бабите и дедовците, а одлуката за ставање во мирување на штрајкот дојде вчера доцна попладне, па за еден ден пред празник „не им се исплатува да го нарушат редот“.

За оние кои дојдоа денеска на училиште, настава има. Целосно нормализирање на наставата, сепак се очекува веќе од вторник, по првомајските празници.

Децата се враќаат на училиште по ставањето на штрајкот на СОНК во мирување

Во меѓувреме Владата и СОНК имаат 20 дена преку медијатор да го решат проблемот со платите на вработените во училиштата и градинките, т.е. да се договорат за колку ќе пораснат. Ако тоа не успее, според најавите, повторно ќе се штрајкува.

Светлана Масларевска, директорката на основното училиште „Коле Неделковски“ во Скопје вели дека од утрово атмосферата меѓу наставниците и учениците е вообичаена, на која сите се навикнати.

Светлана Масларевска / Фото: ООУ „Коле Неделковски“

– Со оглед на тоа дека одлуката за почеток на наставата беше соопштена вчера во попладневните часови, сепак сме задоволни од присуството на учениците. Од 690 ученици, денеска не се дојдени околу 100 деца, бројка која со оглед на состојбата е задоволителна. Наставниот кадар е компелетен и веќе ја продолжува наставата – вели таа.

Магдалена Петреска, директорката на скопското основно училиште „Лазо Ангеловски“ вели дека наставата тече во нормален тек.
Според неа, најголемо отсуство на ученици е забележано во пониските одделенија, односно од 1 до 3 одделение, зашто тие децата веќе биле оставени на чување кај баби и дедовци.

Магдалена Петреска / Фото: ООУ „Лазо Ангеловски“

– Првата смена веќе ја реализира наставата, а од 13 часот ја очекуваме и втората смена со ученици. Најмногу до пет деца отсуствуваат по одделение. Бројка која е незначителна и е очекувана со оглед на тоа што информацијата од СОНК беше пласирана подоцна во текот на вчерашниот ден – заклучува Петреска.

Митко Димовски директорот на скопската гимназија „Орце Николов“ посочи дека од утрово сите ученици од трета и четврта година се веќе на настава.

– Тие се веќе возрасни и се информирани за состојбите. Од утрово редовно дојдоа на училиште. Наставниот процес се одвива редовно – додава Димовски.

Митко Димовски / Фото: Гимназија „Орце Николов“

Тој вели дека сите матурантите од ова училиште ја имаат одбрането проектната задача, дел од испитите за државната матура, и се подговотвуваат за останатите, чиј почеток е во јуни.

Дел од членството на СОНК е незадоволно од најновата одлука на синдикатот, па вчера протестираше барајќи одговорност од првиот човек на синдикатот Јаким Неделков.

Членови на СОНК бараат Неделков да објасни зошто штрајкот е ставен во мирување

Штрајкот на вработените во основните и средните училишта и во детските градинки почна на 11 април со барање веднаш да бидат зголемени платите за 18,4 проценти и потоа да се изнајде методологија за усогласување на платите со минималната плата. Во текот на преговорите, првично на синдикатот му беше понудено зголемување на платите за 10 проценти, а потоа и за 12 проценти, но предлозите не беа прифатени од членството на СОНК. На последната седница на Советот на СОНК и по изјаснувањето на членството, беше донесена одлука градинките повторно од средата да почнат со работа, а училиштата останаа и понатаму да штрајкуваат.