Преку 1.000 посетители вчера беа дел од манифестацијата која Општина Кисела Вода ја организираше по повод својот патронен празник. Под насловот „Св. Ѓорѓија – Низ приказната за Кисела Вода”, во и пред домот на култура „Билјана Беличанец” се одржа мултимедијален проект кој побуди интерес кај сите генерации.

-Сите ние сме дел од една историја, сите ние оставаме свој отпечаток, испишуваме свое поглавје во една голема приказна. Приказната за Кисела Вода. Веројатно, многумина од вас, тука присутните, со сентименталност гледаат на овој објект кој денес дише со нов здив, а како поранешно кино, бил убав спомен на една младост. Почитта кон минатото, кон традицијата и обичаите, се оддава преку нивното зачувување, негување и пренесување, и ова се постулати врз кои ќе се темели нашето функционирање како раководство на Општина Кисела Вода. Впрочем, чест и благослов е да се управува со најстарата скопска општина, која е дом на бројни монументи на македонската духовност. Обновата, но и креирањето на нова, модерна сегашност и иднина, се наша одредница и ќе се почувствуваат во сите сфери на општественото живеење. Визијата за Кисела Вода, како најстара скопска, но општина со најдинамичен развој е реалноста која започнавме одлучно да ја градиме. И тоа заедно со вас, нашите жители – истакна во своето обраќање пред присутните градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Низ приказната за Кисела Вода се проговори за македонската глаголица и македонската кирилица, како суштина на македонскиот јазик и култура, низ модерната визуелна интерпретација на двете писма на авторите Лазе Трипков и Ласко Џуровски. За значењето на изложеното преку постерите и фонтовите говореше професорката д-р Елка Јачева – Улчар.

Претставата „За нашиот Горан” посветена на великанот Горан Стефновски ја одиграа дечињата од актерското училиште на Весна Бејби Петрушевска. Популарниот Виктор Апостоловски покажа дека е вистински идол меѓу младите, посебно после песната Супермен, која ја пееше и на бис. Преубав музички избор преку својот сет направи и Диџеј Манов, кој ја затвори вечерта. Целокупната манифестација имаше еколошки момент, бидејќи електричната енергија за неа беше обезбедена преку перформансот на активистите од „Гоу Грин”. Тие во текот на целата вечер произведуваа струја преку возење на велосипеди.

Заклучокот на присутните беше заеднички: Вакви настани треба да ни се случуваат почесто. Градоначалникот Ѓорѓиевски, токму тоа и го најави за перидот што следува.

Фото: Општина Кисела вода