Министерката за надворешни работи на Бугарија Теодора Генчовска, вечерва, ќе ги пречека евакуираните бугарски државјани од украинските градови Киев и Одеса, кои на границата на Бугарија со Романија се очекува да пристигнат околу 21 часот, соопшти прес-центарот на бугарското МНР.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, во четири автобуси и во автомобилите на Амбасадата во Киев има околу 200 лица – бугарски, украински, американски државјани, државјани на Македонија и еден од Грузија, како и бугарски дипломатски персонал од Генералниот конзулат во Одеса.

Во Народното собрание на Бугарија, премиерот Кирил Петков изјави дека е многу тешко да се евакуираат Бугарите и другите странски државјани и се заблагодари на бугарското воено разузнавање кое одиграло значајна улога во оваа операција.