Фото: Фејсбук/ Ски-центар Попова Шапка

Триесет посетители на Попова Шапка денеска биле спасени откако се изгубиле во густата магла. Од нив тројца биле повредени, информираа од ски центарот „Попова Шапка“. Поради густата магла биле запрени и жичарниците во тетовскиот скијачки центар.

– Ве известуваме дека поради појава на густа магла, заради безбедносни причини, запрени се шестоседата жичница, двоседата жичница Церипашина и ски-лифтот Ге. Во текот на денот, поради појавата на магла и намалената видливост, беа изгубени 30 посетители кои подоцна со помош на лицата одговорни во рамки на Ски-центарот „Попова Шапка” беа пронајдени, додека пак тројца од посетителите кои беа повредени, беа извлечени, од спасувачките служби, на пристапно место каде што со помош на Итната медицинска помош, еден од нив, е пренесен во медицинска установа за понатамошно лекување – соопштија од центарот на нивната Фејсбук-страница.

Претходно МВР објави дека се спасиле 9 скијачи во истиот скијачки центар, меѓу кои имало и странски државјани.

– Денеска во 10.30, двајца тетовци на возраст од 15 и 19 години во СВР Тетово пријавиле дека поради неповолните временски услови и густата магла на Попова Шапка, во близина на новиот ГЕ ски-лифт, каде се искачиле да скијаат, се изгубиле и потоа не знаеле каде точно се наоѓаат. Полициски службеници од Полициското одделение Попова Шапка и екипи од “Елем Турс’ веднаш презеле соодветни мерки и ги пронашле двајцата тетовци, како и уште 7 други лица од Скопје, Куманово и соседно Косово кои, исто така, се изгубиле во тој реон. Деветте лица на возраст од 15 до 45 години, околу 12 часот и 30 минути се безбедно вратени – соопшти МВР.

Фото: Фејсбук/ Ски-центар Попова Шапка