Фото: МИА

Во земјава нема регистар со точна бројка на лица со аутистичен спектар, но според осредени проценки и компарации со процентите во другите земји би се очекувало да има околу 20.000. За полесна интеграција во образовниот систем, но и во социјалниот и општествениот живот потребно е да се направат пријателски места за овие лица, што подразбира поголема свесност и обуки за што е можно поголем број лица во институциите, но и јавните установи и компаниите.

Токму ова го има за цел проектот „Пријателски места за аутизам“ што се спроведуваше изминатите три години од страна на Македонското научно здружение за аутизам.

– Целта на проектот е да направи попристапни места за децата и лицата со аутистичен спектар на нарушувања каде што тие навистина ќе се чувствуваат свои на своето. Тоа на пример би значело како треба да бидат регулирани светлата кога ќе се најде лице со аутистчки спектар и оти ако тоа добие одредено предизвикувачко однесување вработените да знаат дека треба да ги намалат светлата. Исто така, на пример во кино каде има силен звук или во други простори, вработените треба да знаат дека треба во таков случај да се намали звукот, или пак да имаа одредена просторија во која детето, младинецот или возрасниот човек кој има одредена предизвикувачко однесување. ќе го однесат да се смири. Тоа би било еден вид на прва помош – вели професор доктор Владимир Трајковски.

Тој истакна дека иако за да се реализраат ваквите места не се потребни преголеми средства кои би ги оптовариле нивните буџети одредени компании не ја прифатиле можноста некои од вработените да посетуваат обуки или пак да издвојат одредени.

– Но, за наша среќа има доста училишта во Македонија, приватни компании, МКЦ и уште ред други кои денеска ќе го добијат својот сертификат. Тие требаше да поминат кус онлајн курс од четири модули за да научат повеќе за оваа проблематика. Повикот не завршува со завршување на проектот и ако и во идниот период има заинтересирани тие ќе можат да се приклучат – рече Трајковски.

Тој вели дека за жал во Македонија нема регистар за бројот на лица со аутистичен спектар.

-Но, по проценките според една статистичка екстраполација ако споредиме со светските се очекува дека во Македонија би требало да има најмалку 20 илјади аутистични лица – истакна Трајковски.

Вели дека во земјава има различни примери за прифаќањето или неприфаќањето на децата и лицата со аутистичен спектар. Во улилиштата во Скопје, наведува има добар примери, но проблеми како што нагласи се јавуваат во внатрешноста.

– Во внатрешноста се среќаваат немили настани од време на време каде не сакаат да ги примат или не знаат како да се справат наставниците со нив бидејќи не се обучени како тоа да го направат. Сега ова со образовните асистенти влева одреден оптимзам и надежи, но и тие треба да бидат обучени за работа со деца со аутистичен спектар – потенцира Трајковски.

Тој смета дека ваквите деца и лица треба да се прифаќаат што повеќе во нашите училишта, оти се потребни едукации за професионалци, специјални едукатори рехабилитатори, како и психолози и педагози. Тие, нагласува, треба да посетуваат курсеви за аутизам.

– На тој начин ќе може да им се олесни повеќе на децата бидејќи децата со аутистичен спектар се едуцибилни и може да се постигне многу во нивниот развој. Порано се сметало дека тие не можат да се едуцираат и така биле оставани, но, сега особено со оние со лесен или умерен степен на попреченост се постигнуваат големи резултати – истакна претседателот на Македонското научно здружение за аутизам (МНЗА) на денешниот настан по повод завршување на проектот „Пријателски места за аутизмот“.

На настанот присуствуваше градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, која во обраќањето истакна дека институцијата со која раководи континуирано работи и поддржува значајни проекти за подобрување на квалитетот на животот на лицата со аутистичен спектар и нивните семејства.

– Поддржуваме проекти за развој на вештини за подготовка на дeцата со аутизам за училиште, за спроведување на сензорна терапија и третман на деца со аутизам од социјално ранливи групи, за ран третман како значаен фактор за подобра инклузија на деца со попреченост, како и за Центар за рана интервенција. Проектите се значајни и вклучуваат примена на научни методи првенствено за едукација и развој, како и третман на деца со аутизам од социјално ранливи групи. На децата им се овозможуваат индивидуално дизајнирана најсовремена терапија за сензорна интеграција со вклучен логопедски и дефектолошки третман, што има за цел подобрување на квалитетот на живот на овие дечиња – нагласи Арсовска.

Концептот „Пријателски места за аутизам“ е создаден за да одговори на потребите на лицата од спектарот на аутизам. Тој е од областа на социјалната инклузија, има за цел да обезбеди поголема пристапност за лицата и децата со аутизам во општеството.

Проектот е финансиран од Еразмус плус програмата на ЕУ и истиот го спроведуваме заедно со асоцијацијата „Призми“ од Малта, две други институции од Малта, Аутизам Европа од Брисел и здружението Леарнинг Десигнерс од Шпанија.