Во писмото заканувачот напиша дека Јовески ќе биде убиен многу брзо.
Од МВР најавуваат официјално соопштение во врска со настанот

Приведен е С.З. на 56 годишна возраст од Битола осомничен дека пред десетина дена му испратил заканувачко писмо на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, дознава „Нова Македонија“.

Во писмото заканувачот напиша дека Јовески ќе биде убиен многу брзо.
Од МВР најавуваат официјално соопштение во врска со настанот.

Јавниот обвинител Љубомир Јовески преку соопштение на 27 јануари извести дека во текот на претходниот ден, преку препорачана пратка експедирана од Пошта Битола на 17.1.2022 година во 10:26 часот, добил закана по неговиот живот.
Заканувачите во писмото порачуваат дека ќе го убијат Јовески многу брзо. Се претставуваат како терористичка организација и бараат да бидат ослободени од гонење двајцата новинари од ТВ Алфа, Горан Момировски и Драган Милосављевиќ, постапка за која од Обвинителството нагласуваат дека веќе е запрена во декември 2021, бидејќи нема место за гонење од страна на јавен обвинител.

Препорачаната пратка со заканата беше напишана на македонски и на англиски јазик.

Заканата се однесува на конкретен кривичен предмет по кој постапката е завршена во декември 2021 година, со тоа што во предметот е донесена Резолуција со која постапката е запрена бидејќи е утврдено дека нема место за јавнообвинителско постапување.

-Новинарите Горан Момировски и Драган Милосављевиќ, слободно да бидат ослободени бидејќи се новинари кои се од највисоки еминентни и заслуги и имаат астрономска поддршка насекаде низ државата, кои ќе се борат и ќе ги бранат до последна капка крв како што овие новинари го претставуваат и се гласот на македонскиот народ. Љубомир Јовески ослободете ги еднаш, ослободете ги од сите обвиненија бидејќи се невини за какво било злосторство или Љубомир Јовески ќе те убиеме многу брзо. Само го чекаме тој точен момент за да ви го одземеме животот. Постапете веднаш ако вашата желба е да останете живи. Ние сме терористичка организација која се бори и убива за неправди и исто така сме подготвени да гинеме за неа-пишува во заканата.

Заканата, како што се наведува во писмата, е од терористичка организација која се бори и убива за неправда и нејзините членови се подготвени да гинат за целите на организацијата.