Фото: Пиксабеј / Илустрација

Со одлуката за продолжување на штрајкот СОНК повторно ги става личните интереси пред интересите на децата и учениците. Затворените градинки и училишта не носат ништо добро за учениците и децата, ниту за родителите кои не можат да ги згрижат своите деца во градинките, стои во соопштението на Министерството за труд и социјална политика по денешната одлука на Советот на СОНК да не ги прифати заклучоците од вчерашната седница на Владата, и да продолжи штрајкот се додека не се договори со МОН и МТСП и не биде потпишана спогодба со која ќе бидат опфатени сите спорни прашања.

– Ги повикуваме СОНК уште еднаш да си ја преиспитаат одлуката и да го почитуваат правото на децата за пристап до образование, како и непречено одвивање на дејноста згрижување и воспитување на децата.
Владата, Министерството за труд и социјална политика и Министерството за образование и наука покажаа отвореност и подготвеност за решавање на ова прашање, преку конкретни предлози кои истовремено значат трајно и системско решавање на усогласувањето на платите во образованието и предучилишното воспитание и процент на зголемување на платите со ребаланс на буџетот, земајќи ја превид светската економска и енергетска криза. За разлика од СОНК кои не оставија простор за дијалог, напротив покажаа дека немаат слух за состојбата со кризата која е на глобално ниво, а од која не сме поштедени ниту ние како држава, се наведува во соопштението од Министерството за труд и социјална политика.

Воедно, Министерството во врска со денешната прес конференција на СОНК, ја информира јавноста дека одлуката за организирање на генерален штрајк од страна на СОНК е донесена заради усогласување на Колективниот договор за јавните установи за деца во дејноста згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст и во дејноста одмор и рекреација на деца, со порастот на минималната плата, согласно член 8 од Закон за минимална плата. При тоа наведуваат дека во член 8 од Закон за минимална плата е уредено дека, колективните договори се усогласуваат во рок од шест месеци. Тоа што одлуката за организирање на штрајк е донесена пред истекот на рокот, значи дека не станува збор за прекршување на работнички права, туку за барање за  унапредување на права од работен однос – посочуваат од МТСП.

Колективниот договор за јавните установи за деца во дејноста згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст и во дејноста одмор и рекреација на деца,  како што се наведува во соопштението, во член 72 уредува дека правото на штрајк работниците го остваруваат согласно закон. Во ставот 2 од истиот член се вели дека за време на штрајк работодавачот е должен да им уплатува придонеси и даноци од плата, утврдени со посебните прописи, на минималната основица за плаќање на придонесите. Истото ова е регулирано и во член 240 од Законот за работни односи, а членот 241 дава можност организаторот на штрајкот од свои средства да им обезбеди надоместок на нето плата за време на штрајк на работниците кои учествувале во штрајкот.
– Од ова на денешната прес конференција на СОНК, произлегува дека со цитирање на членови од Колективен договор кои не содејствуваат со реалната состојба, и кои се однесуваат на услови на штрајк кога се прекршени работнички права и кои не се однесуваат на детската заштита(градинките), СОНК ги става во заблуда штрајкувачите во градинките и образованието. Од тие причини тоа не претставува ниту уцена ниту закана, туку едноставно почитување на законите во државата – наведуваат од Министерството за труд и социјална политика.