Ова овде е улицата Илинденска, а се вика Илинденска заради насловот на Вапцаров, пишуваше за Илинденска, таму пишува дека вината не е наша, туку на некој друг и тоа некому му тежи како сто тона, и се  ние Македонците ќе и раскажеме на мајката Македонија. Ете ја нашата историја, меѓутоа како да пишува за нашето време, за етноцид, културоцид  и тоа замислете во 21 век – рече универзитетската професорка Наташа Трајкова Котлар на денешниот протест пред палтото на Владата.

Котлар нагласи дека договорот за добрососедство со Бугарија не значи ниту мир, ниту рамноправност, туку лицемерие укажувајќи дека со овие барања Бугарија нема ништо европско во однесувањето.

Но, за да биде тоа уште полошо имаме два договори, Преспански и оној Бугарскиот. Овде гледаме триумфализам на оние кои што ни нудат европски вредности, наводен мит, рамноправност, добрососедство, убаво однесување а фактички лицемерие. Фактички Македонија дава европски вредности. Ние сме тие кои што имаме историја, идентитет, јазик, култура, и кои што треба да бидат заштитени од оние кои што сега ги слушаме – им порача Котлар.

Сакам да им порачам со зборовите на Горан Стефановски: не чепкај тука, кога ќе спечалиш и кога ќе заработиш, тогаш можеш да продаваш, а ова е наше, народно и македонско – изјави Котлар.

Котлар потсети и на правото на самоопределување нагласувајќи дека секој народ во светот има право на самоопределување, па така и македонскиот народ го има истото тоа право.

Секој народ во светото има право на самоопределување, така и македонскиот народ има право на самоопределување – изјави таа.

 


Чашуле: Да го искористиме сиот демократски арсенал за да се справиме со еден од најголемите предизвици од поновата македонска историја

На денешниот протест против прифаќањето на францускиот предлог под мотото „Ултиматум-Не благодарам“, се обрати и новинарот Коле Чашуле. Тој на присутните им порача дека оваа генерација Македонци се  наоѓа на крстопат и исправени пред еден од најголемите предизвици од поновата македонска историја, па затоа треба да се каже не на ова што се прави на Македонија.

– Ги напишав овие листови и мислев да направам говор, но кога се зборува пред горд македонски народ тешко дека ќе помине говор и затоа ќе ви зборувам од срце. Како сте горди Македонци? Трема ми е да зборувам пред вас. Да се застане вака исправено пред горд македонски народ не е лесно. Да ве прашам сите како сте. Јас мислам дека не сме добро. Вакви искушенија ретко која генерација ги има преживеано. Мислам дека никој во оваа наша земја не се чуствува добро. Пред некое време предупредив дека ни доаѓаат тешки времиња, дека ќе биде пеколно и дека ни доаѓа жешко лето и еве го. Жешко не ни е заради сонцето што не грееше денеска или заради високите температури, жешко ни е затоа што вриеме сите одвнатре. Вриеме, бесни сме и гневни сме. Гневни затоа што изгледа тоа е судбината на овој напатен народ и ако некогаш сме блескале тоа е затоа што сме гореле, а сега гореме како Македонци, како што гореле илинденците и партизаните. Ние нашата генерација, исто како и тие се наоѓаме на крстопат и исправени сме пред еден од најголемите предизвици од поновата македонска историја. Предизвик кој навистина мислам дека е на ниво на Илинденското востание и на зародишот на востанието антифашистичко во 1941 година – рече Чашуле.

Тој додаде дека нашите предци морале да земат оружје во рака за да ни ја остават оваа земја во наследство, а ние за среќа не мора да испукаме ниту еден куршум, туку да го искористиме сиот демократски арсенал и за да се да се одбраниме од оваа агресија која надвиснува над нас.

– Нашите предци морале да земат оружје во рака и дел од нив да го жртвуваат својот живот, да го ослободат ова мало парче земја за да сега ни го остават во наследство. Зарем ние сега ќе го дадеме така, без куршум, без збор молчешкум? Не! Да ве слушнам сите, не! За среќа ние веројатно нема да треба да испукаме куршум. Не знам зашто толку полиција има насекаде. И тие се Македонци, и тие ја чувствуваат истата болка. Ние ќе го искористиме сиот демократски арсенал, се што имаме за да се одбраниме од оваа невидена агресија која надвиснува над нас. Да кажеме не, доста е – потенцираше Чашуле.