Фото: МОН

Прифатени се сите препораки на посредникот кој согласно позитивните правни прописи беше назначен да управува со процесот на преговори за надминување на предизвиците помеѓу Министерството за образование и наука Синдикатот за образование, наука и култура.

-Претставниците на двете страни се согласија да има покачување на платите на вработените во основните и средните училишта за 15 отсто почнувајќи од септември годинава, а воедно и да нема кратење на платите за минатиот месец кога поради генералниот штрајк, 12 дена не се реализираше настава-се наведува во денешното соопштение од Министерството.

МОН и СОНК, како што е истакнато во соопштението, ги усогласиле и ставовите за потпишување на нови колективни договори за основно и средно образование кои одат во прилог на унапредување на општествената и економска положба на вработените во двете области. Исто така, утврдена е и нова методологја за постојан раст на платите во образованието, како и спроведување на низа други заеднички активности за унапредување на воспитно – образовниот процес во училиштата.

-Двете страни ги прифатија предлозите на посредникот кој се вклучи во преговарачкиот процес и тоа е нотирано во записникот кој е потпишан од учесниците на последниот состанок со кој процесот на преговори со посредство на трета страна завршуваат. Воедно, со тоа се потврди и дека опцијата за надминување на предизвици со помош на посредник е ефикасна и ќе овозможи продолжување, но и јакнење на социјалниот дијалог помеѓу МОН и СОНК, кои остануваат партнери фокусирани на градење подобар и поквалитетен национален образовен систем-соопшти Министерство за образование и наука.