Фото: МОН

Продолживме со разговорите со Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) и на почетокот на наредната недела, понеделник или вторник, очекувам да имаме конечен договор – изјави денеска министерот за образование и наука, Јетон Шаќири по новата рунда преговори со делегација на СОНК.

– Во оваа фаза на процесот на преговори, во текот на 20-те дена, се отворија многу дискусии кои се однесуваат и на колективните договори, кои не се потпишани повеќе од десет години и мислам дека ќе има нов колективен договор во наредниот период и кога ќе имаме договор ќе имаме за што да продолжиме со разговори – нагласи Шаќири.

На новинарско прашање дали ќе се изнајде решение за 18-процентно зголемување на платите на просветните работници како што бара Синдикатот, министерот рече дека ставовите се доближуваат и се разгледуваат сите можности за изнаоѓање решение.

– Затоа од почеток побарав разбирање од СОНК и од наставниците. Ние имаме добра волја за изнаоѓање решение заради тоа што знаеме во која фаза бевме во процесот на донесување на буџет, во која фаза сме во подготовка на буџетот, во која фаза ќе сме во наредниот период после изнаоѓање на средствата на реализација на тој буџет. Мислам дека сме многу блиску за изнаоѓање решение за подобри услови. Не сакам да споменувам процент затоа што овој процес ќе биде подобар и наставниците ќе имаат подобри услови и после потпишување на гранските колективни договори. Сакам ова да е последен штрајк и прекин на наставата, што значи дека можеби во наредниот период ќе имаме потреба за други разговори, но прекин на настава да нема – истакна Шаќири.

На седница на Владата, потенцира министерот, е донесена одлука која се однесуваше за средните училишта, одлука за тие што завршуваат четврта година.

– Сега заедно со Средношколската унија имаме формирано група после долги години да се разгледа и Законот за средно образование, каде досега се вклучени 24 членови од сите институции, а ќе ги вклучуваме УНИЦЕФ, УНДП, Европската комисија, амбасадите… Оваа одлука за завршување на наставата ја донесовме со консултација со Бирото за развој на образованието. Истовремено, во овој период е побарано мислење од Бирото да најде начин за комуникација со сите основни училишта за тоа до каде е фазата на реализација на програмите на основните училишта и да се разгледа можноста ако може да постигнат наставата да се заврши до предвидениот рок, додаде Шаќири.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков изјави дека преговараат буквално за сите прашања и усогласиле генерално некои ставови во однос на колективните договори и што ќе има во нив, меѓутоа тие не се до крај прецизирани.

-Треба да завршат и бидат потпишани во периодот меѓу 1 и 31 септември. Има некои технички проблеми, мора да започне учебната година, па за да се реализираат тие одредби од колективниот договор. Околу зголемување на платите имаше дополнително некои наши предлози, како и во кој процент да се зголемат платите. Сепак повторно се враќаме во Министерството за финансии за анализа и проверка на тоа колку средства ќе бидат потребни, и конечно околу нова методологија за изработка на плати во која ќе бидат вградени и коефициенти на инфлација, пораст на минимална плата итн., коешто би функционирано во наредниот период. Тоа се точките за кои разговаравме. Не се надевам, туку мора веќе да завршиме идната недела, а јавноста ќе биде запознаена. Дали штрајкот ќе биде повторно активиран, тоа сепак ќе зависи од резултатите од преговорите, од препораките кои ќе ги напише посредувачот или помирувачот. Се е отворено, се уште не можам да ви дадам ветување за опција – истакна Неделков.

Тој нагласи дека е разговарано за сите прашања и дека тоа е веќе напредок, додавајќи оти не постои прашање кое ад хок се отфрла и е неприфатливо за двете страни.

– Се работи за нијанси. Ние одиме од аспект на нашите интереси максимално, тие од аспект на нивните интереси поинаку се однесуваат, меѓутоа не постои прашање за кое не се разговарало или не може да се реши. Договор нема денес. Секако дека нема. Тема на преговори ни е последното усогласување на минималната плата, односно зголемување на платите за 18,4 проценти. За жал, тоа што никој во државата не се секираше изминатите години и никој не побара усогласување на платите и што не е издејствувано, веќе рокот е поминат согласно Закон за минимална плата и тука многу не може да се стори. Велам за жал. Ние тоа што баравме и со протести го правевме, не беше сериозно сфатено. Сега кога го побаравме ова веќе излезе дека и малку е ова и треба многу повеќе. Факт е дека треба многу повеќе, но во овој момент ние колку можеме толку и правиме. Ако некој синдикат може повеќе, би биле благодарни да издејствуваат повеќе понекогаш и за просветните работници некој друг да одработи, а не обратно. Ние постојано работиме за други дејности. Меѓутоа тоа е нашиот Синдикат, еден единствен во државата – рече Неделков.