Фото: Приватна архива

Мери во Македонија ќе стаса со ќерката. Нејзиниот сопруг е Украинец. Разговорот за „Нова Македонија” го прави на паузите на пат за Македонија

Мери Амбросова е Македонка која веќе четири години живее во Украина. Рано утрово, по повеќе од 10 часа патување, ја поминала укранско-романската граница и веќе е речиси на половина пат до Македонија.

Раскажува дека, веднаш, по првите напади на Киев, заедно со сопругот и малолетната ќерка се упатиле кон граничниот премин со Романија.
Излегувањето од главниот град на Украина било тешко. Патиштата биле блокирани со колони возила со кои жителите се обидувале да го напуштат градот.

– Се спремив за помалку од половина час. Земав само зимска облека, не ни размислив дека во Македонија веќе се стоплува. Најважно од се, ја земав целата потребна документација и за мене и за ќерката – вели таа.

Разговорот за „Нова Македонија” го прави на паузите на пат за Македонија, кога ќе успее да „улови“ подобра интернет-мрежа.

Фото: Приватна архива

32-годишната Мери вчера преку социјалните мрежи ги извести најблиските дека е добро и постави неколку видеа на кои се гледаат долгите колони со возила на излез од Киев, кои се упатуваат кон граничните премини.

– Луѓето одат со кеси и куфери по патиштата. Страшно е ова што му се случува на овој мирен и питом народ – напиша таа.

Имавме среќа што резервоарот во автомобилот беше полн, на пумпите даваа само по 10 литри гориво

Мери во Македонија ќе стаса со ќерката. Нејзиниот сопруг е Украинец. Тој го одвезол семејството граница, а оттаму Мери и ќерка и патот го продолжиле сами.

– Тој веќе се враќа за Киев. За него најважно беше ќерката да биде на сигурно, зашто веќе го има ова доживеано. Сега не се знае како ќе се одвива состојбата. Може да биде и полошо. За него, пред се, беше малата да е на сигурно – повторува Мери, изморена и од стресот и од патот.

Вели дека имале голема среќа што резервоарот во нивниот автомобил бил претходно наполнет со гориво. Оние кои немале гориво можеле да наполнат само по десетина литри на попатните бензиски пумпи.

Она што ја охрабрувале целиот пат биле и пораките на луѓето со кои се среќавале во продавници или на бензиските станици.

– Тие се неверојатно позитивни и во услови на војна – раскажува таа.

Можеа да излезат жени и деца, но не и мажи

На граница, раскажува, немале проблеми. Како странци поминале преку ред и покрај големата колона од возила и луѓе.

Мери Амбросова, пред три дена во Киев / Фото: Приватна архива

– Немав проблем детето да го пренесам преку граница. На украинската граница пуштаа мајки и деца, но не и мажи – вели таа.

Амбросова не верувала дека ќе дојде до војна. Се надева и се моли целиот конфликт да заврши мирно и нивното семејство повторно да биде заедно. Засега ќе биде во Македонија. Така е најбезбедно и за неа и за детето. Кога ќе се смири сутуацијата, сака да се врати назад во Украина.

– Се надевам да се вратам назад – кусо одговара таа.

Во Киев останале голем број нејзини пријатели, меѓу нив и Македонци.

-Се молам на Бога за сите-додава таа.