Фото: МИА

Имавме отворена и искрена за дискусија за иднината на Западен Балкан во Европската Унија, особено во контекст на војната во Украина, што е добра порака токму на 9 Мај, дека Франција е заинтересирана, да разговара за проширувањето, изјави од Париз вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, додавајќи дека тоа не е гаранција за отпочнување на преговорите, но е добар знак дека го имаме вниманието на Франција.

Како што соопшти СЕП, вицепремиерот, во директното вклучување во вестите на ТВ24 од Париз, информираше за активностите во рамки на работната посета во Париз и настанот „Балкански дијалози“, на кој домаќин е францускиот Сенат.

На средбата, политичките чинители од Европа и Западен Балкан, ја потврдиле важноста за продолжување на интеграцискиот процес и избегнување на натамошни блокади и вета.

– Знаеме колку е важно и за ЕУ и за нас да се искористи моментот на француското претседателство и да се направи исчекор напред. Ние имавме тука силна позиција дека сме направиле навистина сè што може да се направи и дека сме подготвени за почеток на преговори што поскоро – истакна Маричиќ.

Вицепремиерот кажа дека до сега во разговорите со Бугарија немало официјални посредници, меѓутоа секое претседателство на ЕУ дало свој придонес и направило напор за да се дојде до решение, тоа беше случајот и со Германија, Португалија, Словенија, посочувајќи дека од Франција го имаме вниманието и постои желба да се направат дополнителни напори, но како и во која форма, тоа ќе го видиме во наредниот период.

За односите со Бугарија вицепремиерот ја потврди подготвеноста да продолжат разговорите врз принципиелна основа, држејќи се до заштита на нашиот идентитет и до европските вредности, со цел да се изнајде решение кое ќе биде достоинствено и одржливо и кое ќе го отвори навистина вратите за почеток на преговорите.

– Имаме јасни позиции дека сакаме да постигнеме договор преку еден сеопфатен документ во кој ќе бидат јасно утврдени обврските и на Северна Македонија и на Бугарија, како и кој чекори треба да се преземат до подигањето на ветото и како и кој чекори би се презеле по подигањето на ветото – потврди Маричиќ, потенцирајќи дека не се обврзале со датум, но оваа шанса треба да се искористи, бидејќи секое одлагање ја намалува шансата за решение и не работи во полза на решение.