Фото: МИА (принт-скрин)

Премиерот Димитар Ковачевски денеска го посети манастирот Св. Јован Бигорски, каде што беше пречекан од игуменот на манастирот, Епископ Антаниски г. Партениј и запознаен со историјата и мисијата на манастирот Св. Јован Бигорски, како еден од најзначајните монашки и духовни центри во историјата на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.

Во посетата на манастирскиот комплекс, Ковачевски беше придружуван и од министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, министерот за локална самоуправа, Горан Милевски и заменик-министерот за транспорт и врски Беким Реџепи.

Во соопштението од владината прес-служба, епископ Антаниски г. Партениј, како игумен на манастирот, на премиерот Ковачевски, му ги презентирал најважните и исклучително значајни артефакти во манастирската црква Св. Јован Крстител во која доминантно место има прекрасниот и единствен од ваков вид иконостас во православието, врвно дело на мијачките копаничари, Петре Филиповски – Гарката од с. Гари, со својата тајфа и Макариј Фрчковски од Галичник.
За време на разгледувањето на манастирските содржини, Ковачевски, истакнал дека сега со историската одлука за признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА, убавините и вдахновената духовна атмосфера на манастирот Св. Јован Бигорски, стануваат достапни за верниците од сите сестрински православни цркви за да го сведочат единството и црковно заедништво како една од најсуштинските вредности на православното христијанство.
Ковачевски нагласи дека со признавањето на МПЦ-ОА како канонска автокефална црква се вградени и големите дела на сите црковни и духовни големци во нашата историја кои учествуваа во создавањето и афирмацијата на идентитетот на македонскиот народ и на прифаќањето возобновена Охридската Архиепископија во лицето на МПЦ како еднаква и официјално прифатена во заедницата православни цркви.
Премиерот Ковачевски, како што информираат од владината прес-служба, ја посетил и манастирската библиотека во која се чуваат уникатните и оригиналните книги како што поучната творба „Огледало“ на македонскиот преродбеник Кирил Пејчиновиќ, издадена во Виена во 1816 година, поемата „Арматолос“ („Сердарот“) на Григор Прличев, издадена во Атина во 1860 година, реткиот примерок на црковнословенскиот месецослов, кој потекнува од времето на руската царица Екатерина Велика, отпечатен во 1793 година, како и едно од првите изданија на Светото писмо на народен јазик од 1874 година.
Книгите се најсилното оружје во одбраната на македонскиот јазик и идентитет, рече за време на посетата на манастирот премиерот Ковачевски, и истакна дека делата на македонските преродбеници од 19 век, црковните книги и зачуваните писма на бигорските игумени и монаси говорат дека македонскиот народ има многувековна црковна и долга историја, култура.
Обиколката на манастирот Св. Јован Бигорски заврши во конакот со својот автентичен внатрешен амбиент се издвојуваат големиот синодикон и приемната одаја за гостите кои во огромен број го посетуваат овој црковен бисер на МПЦ-ОА