Фото: Принтскрин

Македонско друштво „Илинден“ од Тирана бара од специјалната собраниска комисија „За административно-територијална реформа во Република Албанија“ да го земе предвид барањето на жителите на Голо Брдо и Гора за формирање на општина Голо Брдо и Гора по територијалната поделба во Албанија што се случи во 2014 година.

– Областите на Голo Брдо и Гора каде живеат Македонци останаа неразвиени, а јавната администрација и службите на локалната самоуправа беа отежнати. Во 2014 година Владата ги укина и општините Требиште, Острени и Стеблево во областа Голо Брдо, за првите две да ги приклучи кон општина Булќиза, како и општините Шиштевац и Запот во областа Гора кои сега се приклучени кон општина Кукс. Единствена македонска општина во Албанија остана општина Пустец, во областа Мала Преспа. И покрај барањата на Македонската заедница во 2014 година, Владата не ги удоволи нивните барања за формирање на општините Голо Брдо и Гора! Македонците во областите Голо Брдо и Гора, укинувањето на македонските општини го сметаат за чекор назад во почитувањето на малцинските права во Република Албанија – се вели во соопштението на „Илинден“, кое смета дека градоначалниците не треба да бидат именувани од Владата, туку избрани на избори од граѓаните, заради нивната доверба во системот и непосредно решавање на локалните комунални проблеми.