Фото: Игор Бансколиев

При презентацијата на резултатите од пописот, за жал, приоритет им беше даден на податоците за националната структура на населението, така што, според вчерашната објава на Државниот завод за статистика, 58,44 проценти од населението се изјасниле како Македонци, 24,30 отсто како Албанци… Но она што навистина загрижува е трендот на динамична депопулација, што треба да биде предмет на посебни анализи и фокус на специјални зафати на државата, која популациски се ситни…

ОБЈАВЕН ПРВИОТ СЕТ НА РЕЗУЛТАТИ ОД СКРИНИНГОТ НА НАСЕЛЕНИЕТО

Вкупното резидентно население во Македонија на петти септември 2021 година изнесувало 1.836.713 жители, што е за 185.834 луѓе помалку во споредба со резултатите од претходниот попис на населението во 2002 година, кога имало 2.022.547 жители. Забележани се 207 празни „населени“ места. Бројката од 132.269 лица што не се попишале и за нив биле преземени податоци од базите на други институции, според директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, делумно би можела да биде и резултат на бојкотот на пописот.

– Да не беа црните кампањи дека работиме надвор од стандардните на ЕУ, дека веќе претходно сме се договориле, ќе беше многу помала оваа бројка. Ќе сфатат дека згрешиле тие што ја злоупотребија кампањата. Мое мислење е дека никој не треба да биде казнет што не се попишал. Не знаеме дали не се попишале поради отворен бојкот – изјави Симовски, објаснувајќи дека во периодот на попис голем број граѓани биле на годишни одмори и дека имало и многу други фактори што ја диктирале оваа бројка.
За да ја увери јавноста дека при собирањето и обработката на податоците се почитувани сите меѓународни стандарди, Симовски за нивна презентација одржа прес-конференција во салата на Македонската филхармонија, пред претставници на државни институции, на Евростат, на дипломатскиот кор, на заводите за статистика од земјите од регионот, а претходно им додели благодарници на институциите што придонеле за успешното спроведување на статистичката операција.

Но, како што се очекуваше, при презентацијата на резултатите, приоритет им беше даден на податоците за националната структура на населението, така што, според вчерашната објава на Државниот завод за статистика, 58,44 проценти од населението се изјасниле како Македонци, 24,30 отсто како Албанци, 3,86 отсто како Турци, 2,53 отсто како Роми, 1,30 отсто како Срби, 0,47 отсто како Власи, 0,87 отсто како Бошњаци, а тука влегуваат и околу осум проценти од категориите: други неспомнати, не се изјасниле, непознато и за кои податоците се преземени од административни извори. На тоа се надоврзуваат и податоците според кои 61,38 процент од попишаното население се изјасниле дека мајчин јазик им е македонскиот, 24,34 проценти – албанскиот, 3,41 отсто – турскиот, 1,73 отсто – ромскиот, 0,17 – влашкиот, 0,61 отсто – српскиот, 0,85 – босанскиот…
Со оглед на претходните шпекулации со значително повисок процент на Албанци, за обележување е изјавата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, како коалициски партнер во власта, кој меѓу првите упати честитки за успешно спроведениот попис.
– Им честитам на сите институции што беа вклучени и го помогнаа пописот како процес, кој започна во март минатата година со дијаспората во земјата и заврши во септември со пописот во државата, процес и предизвик нималку лесен, но успеавме да биде завршен успешно – рече Ахмети.

Инаку, според религиската припадност, 46,14 проценти се изјасниле како православни, 32,17 проценти како муслимани (ислам), 0,37 проценти како католици, а во овој, според објаснувањето, се појавиле и други религиски заедници што ги немаше во претходните пописи, а какви што се евангелско-протестантски христијани, будисти…

Во однос на родовата структура, пописот покажал дека 50,4 отсто се жени, а 49,6 отсто се мажи. Според возрасната структура, најголем процент од населението е во возрасната група од 40 до 44 години, а како куриозитет беше наведен податокот дека се попишани 51 лицe на возраст од над 100 години. Бројот на домаќинства изнесува 598.632, а просечниот број на членови на домаќинствата е 3,06.

Основна цел на пописот е да се утврдат бројот на населението и неговиот територијален распоред, да се добијат податоци за виталните, образовните, економските, етничките, миграциските и другите белези на населението. Пописот е основа за процена на бројот и на движењето на населението во меѓупописниот период, како и за долгорочни проекции на бројот на населението во иднина. Со пописот на населението, домаќинствата и становите се обезбедуваат податоци за: вкупниот број и за територијалната разместеност на основните единици на пописот (лица, домаќинства и станови), карактеристиките на основните единици на пописот (лица, домаќинства и станови) со нивните белези и за утврдување на промените што настанале во периодот од спроведувањето на последниот попис на населението, домаќинствата и становите во 2002 година.


Во дијаспората соодносот Македонци – Албанци е обратен

Во рамките на пописот 2021 беше овозможено македонските државјани што живеат и престојуваат во странство повеќе од една година да се самопопишат преку веб-апликација, која беше достапна на веб-страницата за попис.
Оваа можност ја искористија 258.932 наши сонародници, од кои 24,55 отсто се изјаснија како Македонци, 66,42 отсто како Албанци, 4,78 отсто како Турци…
Оваа категорија граѓани не влегуваат во вкупното резидентно население на Македонија.


Владата ги оцени податоците како сигурни, веродостојни, валидни и корисни

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, заедно со повеќето членови на неговиот кабинет, присуствуваше на свеченоста на која беа презентирани резултатите од Пописот 2021.
Од Владата потоа соопштија дека „пописот на населението, домаќинствата и становите, кој беше спроведен во периодот од 5 септември до 30 септември минатата годинa, по речиси 20 години, е успешно реализиран и дава релевантни информации за реалната состојба на населението, со што на државата ѝ се овозможува да креира политики од интерес на граѓаните и бизнисот. Податоците од пописот беа оценети како сигурни, веродостојни, валидни и корисни за планирање политики.“


ВМРО-ДПМНЕ: Бројките се поразителни, а операцијата некомплетна

Пописот ваков каков што е покажува алармантни бројки, кои се поразителни за сите општини, освен за градот Скопје, и за целата држава, особено со тоа што имаме преголемо иселување, реагираше опозициското ВМРО-ДПМНЕ веднаш по објавувањето на резултатите.
– Пописните бројки се показател за неуспех, бидејќи има силен бран на иселувања, имаме операција спроведена со низа забелешки и со многу политика и затоа сметаме дека секој има право да се сомнева во ваквите бројки. За првпат во Македонија имаме една сериозна бројка од 7,2 отсто или повеќе од 132.000 за кои ДЗС, и покрај тоа што ги има на располагање сите механизми, од образование, до лични карти, матични броеви, изјаснување, по други институции, не успеал да ја дефинира припадноста на овие 132.000 македонски граѓани жители на државата – изјави Антонијо Милошоски, пратеник и член на ИК на партијата.


Исчезнаа луѓе колку за два града како Куманово

Кусокот од 185.834 луѓе во Македонија во однос на пописот од 2002 година е за двојно поголем од бројот на жителите што во септември беа попишани во Куманово.
Имено, во таа најмногубројна општина, според овој попис, има 98.104 жители што значи дека помеѓу двата пописа исчезнале луѓе што би можеле да населат два града какво што е Куманово.


За што се важни резултатите

Државите-членки на Организацијата на Обединетите нации (ООН) се обврзани на спроведување попис на населението и домувањето во согласност со донесените меѓународни препораки подготвени од Економската комисија за Европа на Обединетите нации и од Евростат.

Како статистички извор за собирање индивидуални податоци за населението, домаќинствата и становите од најниско административно ниво до ниво на држава, тие, како што наведуваат во Државниот завод за статистика (ДЗС), се важни бидејќи:
– претставуваат значајна основа за современо одлучување и управување на сите нивоа;
– обезбедуваат голем фонд релевантни статистички податоци неопходни за научни и стручни анализи на состојбите и идните макроекономски планирања на развојот на земјата;
– обезбедуваат континуитет и споредливост со резултатите од претходните пописи;
– претставуваат наследство што треба да се обезбеди за сегашните и за идните генерации.

По Втората светска војна, во Македонија се спроведени пописи во 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и во 2002 година. Пописот во 1991 година бил со нецелосен опфат и затоа во 1994 година повторно е спроведен попис во истата декада и тој попис е првиот по осамостојувањето.