По долга битка со леукозата, малиот херој Ајан денеска ја напушти Детската клиника во Скопје. Придружен со аплауз од медицинскиот персонал во болницата, Ајан гордо чекореше по болничкиот ходник, се качи на скали и заѕвони на обесеното ѕвонче за да ја обележи победата над болеста.

Персоналот од Детската клиника, со согласност од родителите, го сподели видеото кое предизвика многу емоции и позитивни реакции на социјалните мрежи.

– Овој свет постои оти низ него трчаат и растат децата. Конечно и Ајан истрча, со нетрпение ѕвонеше на ѕвончето колку што може посилно, да слушнат сите дека оздраве и дека победи и дека сега ништо нема да го сопре! Браво Ајан! – пишува на Фејсбук страницата на Детската клиника.

Ѕвончето со кое Ајан стави крај на болеста, го донирало лице од Ласкарци – човек кој несебично помагаше да се спасат патниците откако автобус на „Дурмо Турс“ лани се преврти на автопатот Скопје-Тетово, а животот го загубија 16 лица.

Министерот за здравство, Венко Филипче, објави фотографија од него и од Ајан, направена за време на новогодишните празници.

– Ајан за Нова година ми шепна дека има само една желба – да си оди дома! Конечно Ајан истрча и со нетрпение ѕвонеше на ѕвончето колку што може посилно, да слушнат сите дека оздраве и дека победи, но и дека сега ништо нема да го сопре! Браво Ајан! Благодарност до целиот медицински тим на Клиниката за детски болести, кои го даваат својот максимум за грижата за нашите најмали и најмили. Горд сум на вас! – напиша тој.