Моделот, односно решението за исплата на повисоките плати во образованието мора биде во согласност со позитивните правни прописи во земјата, велат од Министерството за образование и наука, откако Независниот академски синдикат и Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) реагираа на повикот да се основа Синдикат на вработените во високото образование кој ќе потпише колективен договор, а со што ќе се овозможи најавеното зголемување на платите за 10 отсто од јануари.

– Министерството за образование и наука не смее, не дало и нема да даде насока како вработените на високообразовните установи синдикално да се организираат – велат од МОН и додаваат дека согласно Законот за работните односи, со кој е уредува колективното договарање, единствениот начин за исплата на покачувањето на платите е да се склучи колективен договор на ниво на работодавач.

Во овој случај, работодавач е секој универзитет и тој треба да склучи колективен договор со синдикат во кој треба да членуваат најмалку 20 проценти од сите вработени на истиот.

Од Министерството веруваат дека синдикалните организации во областа на образованието ќе придонесат кон надминување на предизвикот, а со тоа, вработените во високото образование ќе го добијат договореното врз база на дијалог 10-процентно покачување на личните примања по основ на работен ангажман во високообразовна установа.

– Дали вработените на универзитетите ќе формираат посебни синдикати на секој универзитет одделно за да потпишат колективен договор со истиот, дали ќе формираат единствен нов синдикат кој ќе потпише колективен договор со сите универзитети или, пак, ќе се приклучат кон СОНК или кон НАКС и ќе го исполнат условот за репрезентативност според кој во синдикатот треба да членуваат најмалку 20% од вработените на секој државен универзитет, тоа е одлука на вработените во универзитетите – велат од МОН.