Mеморандум за соработка во областа на дигитализацијата на Македонија и Србија

35

Министерството за информатичко општество и администрација и Канцеларијата за информациски технологии и електронска управа во Владата на Република Србија денеска потпишаа меморандум за соработка во областа на дигитализацијата.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, се осврна на важноста од дигиталната трансформација за подобрување на животот на сите граѓани, преку едноставни алатки за пристап до услугите коишто им се потребни.

– Заложбите на Владата за транспарентност, ефикасност при испорака на услугите и отчетност во работењето на институциите се причина поради којашто донесовме одлука дека е неопходно менување на веб страните на Владата и сите министерства. На овој начин ја реализираме и мерката на којашто сме се обврзале во Стратегијата за реформа на јавната администрација, а тоа е подобрена достапност на институциите за сите граѓани – истакна министерот Манчевски.

Директорот на Канцеларијата за информациски технологии и електронска управа, Михаило Јовановиќ изјави дека размената на знаења, идеи и искуства, но и регионалното поврзување и овозможувањето на електронските услуги внатре во регионот е од непроценливо значење за понатамошниот развој на Западен Балкан.

– Во екот на четвртата индустриска револуција, целокупниот регион има можност, ако сме паметни, разумни и посветени, да го надокнадиме пропуштеното и базирајќи се на иновациите, знаењето и примената на новите технологии, да создаваме подобра иднина – рече Јовановиќ.

Јовановиќ додаде дека Меморандумот за соработка на двете земји во областа на дигиталната трансформација, којшто беше потпишан денеска, е како резултат на добрата соработка меѓу премиерите на Србија и на Македонија, Ана Брнабиќ и Зоран Заев од една страна и видливите резултати на Владата на Србија на полето на дигитализација на јавната управа и покренувањето на проектот „Србија дигитализира“, од друга страна.