Глупава, крава, оди си, не те бива – говорот на омраза се правда со слобода на изразување

Глупава, крава, оди си, не те бива, министер не може да биде домаќинка или кувар, се само дел од коментарите на социјалните мрежи, полни со говор на омраза насочени кон македонска министерка. Овие коментари се само капка во морето за тоа што сè пишуваат граѓаните за јавни личности, за своите сограѓани. Говорот на омраза е сериозен проблем, кој останува неказнет, а уште поопасно, непрепознаен од многумина.

Фејсбук, Твитер, Инстаграм се преполни со недолични коментари, псовки, навреди, исмевања… Оние што ги пишуваат, ги правдаат со слобода на изразување.

Слободата на изразување е едно од основните човекови права заштитено со бројни закони и кодекси, меѓутоа, тешко е јасно да се одвојат нејзините граници. Субјективните перцепции за слободата на изразување и говорот на омраза се исклучително важни. Секојдневно сме сведоци како на социјалните мрежи луѓето ги изразуваат своите мислења и ставови за одредени актуелни теми, кои не често се пријатни за нашите очи. Она што за некои е изразување на сопственото мислење, за други е говор на омраза, осуда, критика…

– Недостатокот на регулација на интернет-просторот, како и брзиот и интензивен развој на новите технологии, придонесува говорот на омраза интензивно да биде присутен во секојдневната комуникација и интеракција – смета социологот проф. д-р Страшко Стојановски на Правниот факултет, Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип.

Фото: проф.д-р Страшко Стојановски (приватна архива)

Според социологот, говорот на омраза кај нас најчесто се поврзува со етничката и религиската припадност на поединците, но неретко политичката афилијација и ставови, исто така, се предмет на говор на омраза.

– Говорот на омраза се поврзува со тенденциозно настапување, кое резултира со создавање на предуслови кои во крајна инстанца може да резултираат со криминал од омраза. Слично на дискриминацијата, која се однесува за ставање на општествени групи во понеповолна позиција со што се загрозува нивниот интегритет и општествена интеракција во целина, говорот на омраза е насочен кон поединци перципирани низ призмата на нивниот групен општествен статус и идентитет – смета Стојановски.

Тој додава и дека она што го карактеризира говорот на омраза во последните декади, е можноста истиот да се манифестира преку социјалните мрежи, и истиот може да биде третиран и низ призмата на социјалниот статус, сексуалната ориентација, расата и слично.

– Недостатокот на компетенции за одредени прашања не ги исклучува граѓаните да имаат став по одредени прашања. Дури и напротив, Аристотеловата идеја за човекот како политичко суштество, ги обврзува индивидуите да се произнесуваат по прашањата што ги тангираат и со тоа активно да учествуваат во политичкиот живот. Проблемот се јавува кога пренесувањето на вести на интернет-мрежите ќе се поврзе со идејата за продуцирање лажни вести, со цел да се изградат механизми за манипулација, која најчесто има политички карактер. Дополнително, алгоритамското селектирање на вестите, како и личните преференци, сознаваат нешто што се нарекува ехо-комори. Последното значи дека информациите се парцијални, необјективни и навредувачки, што многу често може да резултира со сензибилизирање на јавноста во насока на одредени политички интереси – вели Стојановски.

Меѓутоа прешањето е: „Што ги поттикнува луѓето да коментираат и пишуваат навредливи и критички настроени статуси, наменети за одредени личности, ситуации, и настани“.

– Секој човек има право да го изрази својот став и мислење за одредена тема или настан, но критикувачките и навредливи коментари на социјалните мрежи, упатени кон одредени личности, институции, настани и слично го гледам како одраз на „балканскиот“ менталитет. Оваа појава, на пример, не е карактеристика во скандинавските земји – смета социологот Стојановски.

Препознавање на говорот на омраза

Говорот на омраза на социјалните мрежи, се покажува како огромен проблем со катастрофални последици за општеството. Официјалната дефиниција на администраторите на „Фејсбук“ за говорот на омраза е: „Говорот на омраза го дефинираме како директен напад врз луѓето врз основа на она што го нарекуваме заштитени карактеристики – раса, етничка припадност, национално потекло, религија, сексуална ориентација, пол, родов идентитет и сериозна болест или попреченост.

Иако од „Фејсбук“ тврдат дека содржините во кои е препознат говор на омраза се отстранува од платформата, за жал тоа не редовно се спроведува брзо во пракса, бидејќи говорот на омраза е речиси невозможно да се потисне.

Извршниот директор на „Фејсбук“ Марк Закерберг во изминатиот период најави поригорозни системи и стандарди, како и побрза и понапредна технологија за отстранување и сузбивање на говорот на омраза од социјалните мрежи.

Во третиот квартал од 2019 година, отстранети се повеќе од 7 милиони објави со говор на омраза, што е за 59 отсто повеќе од бројот на отстранети објави во претходниот квартал. Идентификацијата на говорот на омраза сега претежно се врши преку вештачка интелигенција. Сепак, алгоритмите на „Фејсбук“ за препознавање говор на омраза функционираат на околу 40 светски јазици, за остатокот се потпира на модераторите на содржините и јавното известување за говор на омраза.

Во јули 2020 година, извршниот директор на „Фејсбук“ рече дека компанијата ќе ги промени своите политики за да го забрани говорот на омраза во своите реклами.

– Според нашите нови политики, „Фејсбук“ забрани реклами во кои се тврди дека луѓето од одредена раса, националност, националност, каста, пол, сексуална ориентација или потекло од имиграција се закануваат на физичката безбедност или здравјето на кој било друг – рече Закерберг.