Фото: Маја Јаневска-Илиева

По повод 14 Јуни – Светскиот ден на донирањето крв

„Вашето вклучување и поддршка ќе помогнат да се обезбеди поголемо влијание за светскиот Ден на донирањето крв во 2022 година, зголемувајќи го признанието низ светот дека давањето крв е суштински елемент на секој здравствен систем. Учеството на заинтересираните партнери е добредојдено на сите нивоа, за светскиот Ден на донирањето крв во 2022 година да стане светски успех“, Светската здравствена организација (СЗО)

Светскиот Ден на донирањето крв секоја година се одбележува низ светот на 14 јуни. Овој датум не е случаен, бидејќи на овој ден во 1868 година се роди Карл Ландштајнер, истакнат лекар, биолог и биохемичар, кој ги пронајде крвните групи и резус-факторот на крвните групи.

Годинава Мексико е домаќин на Светскиот ден на донирањето крв во 2022 година, преку својот Националниот центар за крв, а светското одбележување ќе се одржи во Мексико Сити. Донирањето крв спасува милиони животи секоја година, а пристапот до безбедна крв може да помогне во намалувањето на стапката на смртност и инвалидитет.

Зошто се одбележува 14 јуни како Ден на донирањето крв

Светската здравствена организација (СЗО) посочува дека 14 јуни се одбележува секоја година со намера да се издигне светската свест за потребата од безбедна крв за трансфузија и придонесот на бесплатното крводарителство за националните здравствени системи. Денот на донирањето крв, исто така, дава можност за преземање акција и почнување кампањи на владите и националните здравствени установи за обезбедување соодветни ресурси за зголемување на крводарителските акции.
Оваа година, СЗО го одбележува денот под мотото: „Дарувањето крв е чин на солидарност. Придружете се на напорите и спасете животи“, со намера да го привлече вниманието кон крводарителството, кое има значајна улога во спасувањето на животите и зајакнувањето на солидарноста во општествата.

Според Светската здравствена организација, во многу држави во светот не постои соодветно снабдување со безбедна крв, а крвните служби се соочуваат со повеќе проблеми. Затоа годинашната програма на СЗО има цел да им се заблагодари на крводарителите во светот, да се создаде поширока општествена свест за потребата од дарување крв, да се препознаат и промовираат вредностите на крводарителството, да се издигне свеста за потребата од зголемување на инвестициите на државите во развој на одржлив национален крвен систем.

Во пресрет на Денот на донирањето крв, Светската здравствена организација, традиционално, испрати порака до светската јавност.
„Вашето вклучување и поддршка ќе помогнат да се обезбеди поголемо влијание за светскиот Ден на донирањето крв во 2022 година, зголемувајќи го признанието низ светот дека давањето крв е суштински елемент на секој здравствен систем. Учеството на заинтересираните партнери е добредојдено на сите нивоа, за светскиот Ден на донирањето крв во 2022 година да стане светски успех“, гласи годинешната порака на СЗО.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Кој може да биде крводарител?

За да се стане крводарител, личноста мора да биде здрава, помеѓу 18 и 65 години, како и да има тежина од над 50 килограми. Мажите можат да даруваат крв на секои три месеци, а жените на секои четири месеци.

Во чекор со времето и новите навики на граѓаните, препораките за крводарување се однесуваат и на оние што неодамна ставиле пирс или тетоважа, па се вели дека тие лица привремено не може да даваат крв. Постои јасно правило што вели дека од ставањето пирс или тетовирање до давањето крв мора да помине одредено време. Треба да се знае дека во Македонија тој период е четири месеци.

Доколку некоја личност била болна или под некоја терапија, а сака да донира крв, ќе мора да почека одреден период. Периодот зависи од болеста, па на пример, од поминувањето на настинка до трансфузија треба да поминат седум дена. Во однос на лековите, од земањето антибиотици до донацијата на крв треба да поминат седум дена.

Вегетаријанците може да донираат крв, но доколку нивното ниво на железо во крвта е пониско од нормалното, може привремено да бидат одбиени поради нивна сопственост безбедност.

Зошто луѓето донираат крв?

Многумина наши граѓани, како и нивните истомисленици низ светот, се свесни дека крвта е незаменлива и дека е потребна за спасување на луѓето, особено за итните случаи и повредените, па затоа одлучуваат да станат крводарители.
Гораст Деспотовски е еден од нив. За себе вели дека тргнал по стапките на својата мајка, која е долгогодишна крводарителка, има над 60 години и досега околу 50 пати дарувала крв. Деспотовски започнал да дарува крв на 20 години и за него крводарителството е можност за давање живот на оние на кои најмногу им треба. Тој нагласува дека ќе продолжи со крводарителството затоа што сака да помогне во спасувањето човечките животи, повикувајќи ги другите во општеството да донираат крв.


Кој е Карл Ландштајнер?

Ландштајнер разви модерен систем на класификација на крвните групи и нивната идентификација со помош на аглутининот на резус-факторот, кој овозможува воведување трансфузија во крвта без да се загрози животот на пациентот. Во 1900 и 1901 година, Ландштајнер спроведува испитувања на серуми и успева да ги идентификува крвните групи: А, Б и 0. Тој исто така откри дека трансфузијата на крв помеѓу лица од иста крвна група не доведува до хемолиза на еритроцитите. Се смета за татко на трансфузиологијата и еден од најголемите биохемичари на сите времиња. Во 1930 година ја добива Нобеловата награда, а добитник е и на Ласкеровата награда во 1946 година.