Повод – 79 години од масакрот во Ваташа

„По толку години и сега со силна болка се сеќавам на таа слика и на зборовите на Кате дека Блаже по рафалното пукање сѐ уште бил жив, но Бугарите со бајонетите го убиле пред нејзините очи“, одекнуваат и денес зборовите на сведокот на масакрот, Наде Ицева Јанева

Најблиските ги оплакуваат жртвите

Денеска навршуваат 79 години од еден од најкрвавите настани во македонската историја, стрелањето 12 младинци од селото Ваташа, од страна на припадниците на бугарската фашистичка власт, во екот на националната и политичка борба на македонскиот народ за сопствена држава и права.
Настанот се случил на 16 јуни 1943 година, кога бугарската армија и полициските сили, предводени од капетанот Борис Жеглов, поручникот Борис Костов и подофицерот Петко Опреков, под команда на полковникот Љубен Апостолов, командант на 56-от Велешки пешадиски полк при Петтата бугарска армија, вршат погром врз цивилното население со намера да извршат притисок врз локалното население да не го помагаат македонското партизанско движење. Тогаш безмилосно биле убиени: Перо Видев (15-годишен), Ванчо Гурев (19), Дако Давков (18), Илија Димов (18), Ристо Ѓондев (18), Блаже Ицев (20), Пане Мешков (18), Герасим Матаков (18), Ферчо Попѓорѓиев (26), Васо Хаџиjорданов (28), Диме Чекоров (20) и Пане Џунов (18).

Вечерта на 15 јуни низ Ваташа се пренела веста дека утредента никој не треба да оди на работа, зашто е роденденот на бугарскиот престолонаследник Симеон и во Кавадарци ќе има свечен настан. Утрото на 16 јуни, Ваташа била блокирана од бугарската фашистичка армија и полиција. Ваташани не можеле да го напуштат селото, а оние што заминале на работа биле враќани назад. Во раните часови во селската кафеана биле приведени неколкумина девојки и младинци, кои потајно ги поддржувале македонските партизани. Списокот за нивното апсење бил направен врз основа на една фотографија пронајдена кај Диме Чекоров, која била направена на првомајската прослава на ваташките младинци во 1943 година.

Наде Ицева Јанева пред споменикот на стреланите младинци

Сестрата на Блаже Ицев, Наде Ицева Јанева, со длабока тага зборуваше за немилите настани кога ги евоцираше своите спомени за „Нова Македонија“, пред неколку години. Нејзините зборови длабоко одекнаа во јавноста, бидејќи се живо сведоштво за еден настан што многумина сакаа и сѐ уште сакаат да го релативизираат или сосема да го избришат од сеќавањата. Но ваквите злосторства не се забораваат, тие остануваат длабоко врежани во колективната меморија на цели народи.

Како што свежо се сеќаваше нашата соговорничка, кобниот ден, без да насетат што ќе се случи, братот и сестрата пееле, додека Блаже го бојадисувал креветот, а другата сестра Кате шиела. Некој силно затропал на портата, прва отворила Наде и одговорила дека Блаже и Ката се дома. Блаже успеал да си го земе палтото, како да знаел дека ќе биде тепан, барем малку да ја ублажи болката. Биле одведени во меаната на Васил Хаџи Јорданов, каде што со другите младинци биле безмилосно тепани од страна на полицискиот заменик-началник Петко Опреков, поручникот Борис Костов и двајца бугарски агенти.

Во кафеаната биле тепани и принудувани да признаат дека на 1 мај 1943 година во месноста Моклиште биле заедно со партизаните. Од испрашувањата биле ослободени една девојка и младинец, а другите дванаесет младинци и четири девојки биле обвинети за соработка со партизанското движење. По измачувањата, бугарските вооружени сили во колона ги одвеле кон Моклиште.

Кај месноста Чаир, Васил Хаџијорданов се обидел да побегне, а по него и некој од другите, по што била издадена наредба за стрелање. Сите дванаесет младинци биле убиени, од кој најмладиот имал само 15 години. Еден од стреланите непосредно пред смртта извикал: „Стрелајте кучиња, но нашата идеја нема да умре“. Четирите девојки што биле притворени, не биле убиени.

За овие настани Наде Ицева Јанева се сеќаваше: „Јас веднаш истрчав по нив, но постојано ме враќаа назад до мостот. Бидејќи имав само 12 години, постојано се враќав колку што можам поблизу и некако разбрав дека ако се слушне истрел младинците ќе бидат стрелани. Истрчав дома и веднаш ѝ кажав на мајка ми дека ќе ги отепаат. Таа само ме искара со зборовите: ’Молчи, името пусто да ти остане, само ќе ги заплашат и ќе ги интернираат‘. Кога младинците излегоа од меаната во колона еден по еден, под силно воено обезбедување беа однесени во месноста Моклиште, а ние останавме во селото во исчекување што ќе се случи. Наскоро се слушнаа истрели. Селаните и семејствата знаеја дека е извршено злосторство“.

Постојат сведоштва дека и покрај рафалната стрелба, некои од стреланите не починале веднаш. За ова, но и за вистинското лице на бугарските војници, останаа запишани зборовите на сестрата на Блаже Ицев: „Сестра ми Кате влезе во дворот, изнемоштено падна. Мајка ми ја праша каде е Блаже, а таа со плачење одговори дека е стрелан. По толку години и сега со силна болка се сеќавам на таа слика и на зборовите на Кате дека Блаже по рафалното пукање сѐ уште бил жив, но Бугарите со бајонетите го убиле пред нејзините очи извикувајќи: ’Гледајте, не седнувајте комунистки, гледајте‘“.

Крвавиот масакр во Ваташа не е исклучок, туку тактика на бугарската фашистичка власт и нејзините вооружени сили. Во историјата е забележано дека исто како во Ваташа, царска Бугарија и нејзината фашистичка влада постапиле во бугарското село Јастребино на 20 декември 1943 година, кога биле убиени 18 души, вклучувајќи и осум деца, поради сомневање за помагање на бугарските партизани. Р.Н.М.